Во Кина официјално е пуштен во употреба најдолгиот стаклен мост во светот, кој го премостува Големиот кањон во Националниот парк Жангцјаце во провинцијата Хунан, објави во саботата агенцијата China News Service.
Мостот е долг 430 метри, широчината изнесува шест метри, а височината на којашто се издига е 180 метри над земјата. Мостот рекордер се состои од 99 трислојни проѕирни панели од стакло. Според агенцијата Xinhua, изградбата на овој мост чинела 3,4 милиони американски долари.
Како што пренесува China News Service, билетарниците за мостот биле отворени во 7 часот утрото по локално време (1 часот по полноќ по македонско време), а веќе во осум часот сите билети биле распродадени. Некои туристи надвор од организираното премиерно минување на мостот минале цела вечер пред билетарницата. Во саботата беше првиот официјален ден на отворање на стаклениот висечки мост, откако мина периодот на тестирање. Тој ќе биде отворен за посетителите секој ден од 7 до 17 часот по локално време.
Во извештаите се забележува дека во моментов бројот на посетителите што можат во исто време да престојуваат е ограничен на 600 лица. Претходно беше објавено дека мостот ќе може да издржи истовремено 800 посетители. Максималниот број на луѓе коишто можат дневно да го посетат мостот е 8.000. Билетите може да се купат на касата, или да се резервираат преку Интернет но најмалку еден ден претходно.