Кинеското биро DnA_Design and Architecture трансформирало низа поранешни каменоломи во провинцијата Zhejiang во културни простори, правејќи чувствителни вметнувања во величенствените рачно врежани ентериери.
Напуштените каменоломи, кои се меѓу илјадниците во кинеската област Jinyun, претворени се во објекти за локалното население и туристите како дел од поширокиот проект за регенерација на областа.
DnA_Design and Architecture со седиште во Пекинг добиле задача да трансформираат девет од ископаните јами, од кои три се веќе завршени.
Овие три простори обезбедуваат библиотека, место за изведба и простор за собирање.
Потпирајќи се на богатата историја на споменици и камени натписи во регионот, бирото се фокусирало на што е можно повеќе истакнување на постоечкиот карактер на каменоломот.
Според бирото, ова исто така претставува предизвик за „прекумерното дизајнирање“ на популарните туристички области во рурална Кина.
„Проектот е еколошко подобрување за поправка на нарушената природа“, изјавија од бирото за Dezeen. „Повторната употреба на овие напуштени каменоломи повторно ја поврзува локалната заедница со нејзината илјадагодишна историја и наследство. Проектот е релативно минимална интервенција, микро-реновирање и надградба, а се занимава со можноста за просторна трансформација на различни каменоломи“, велат архитектите.
Секој каменолом има карактеристична форма и шари како резултат на тоа што воглавном е ископан рачно, што довело до тоа нивните дизајни да се делови од „јавна инфраструктура“.
Првиот простор, наречен Каменолом 8, е претворен во отворена библиотека. Постоечките камени платформи се задржани и адаптирани со нови бетонски скали и места за седење направени од челик и пресуван бамбус.
Простори со книги вградени се во големите скали, а со својата форма која се стеснува се создава природно заштитено засолниште за читање.
„Секоја платформа е мултикултурна студија каде што може да се чита, да се вежба калиграфија од триење на камења и во иднина да се пристапи до е-книги“, велат од бирото.
Другиот простор, Каменолом 9, се користи како простор за изведби, благодарение на акустичните својства на неговата заострена форма налик на пештера. Во него се додадени рамна камена бина и вкопан простор за седење.
Каменолом 10, третиот простор, претворен е во простор за демонстрација на процесот на вадење камен. Има скалесто седење и дрвени детали што го обединуваат со останатите содржини.
Во сите три простори, користено е вештачко осветлување за да се истакнат неправилните форми и ознаки на камените површини.
Покрај понатамошниот развој на останатите каменоломи во оваа област, се планира изградба на информативен центар на патека што ја сочинува живописна рута помеѓу сите нови простори.
„Првите три каменоломи веќе предизвикаа внимание и покренаа дискусија за повторна употреба на напуштените рудници и каменоломи“, велат архитектите: „Проектот може да се смета како одговор на нашите моментални дилеми и нов начин на размислување за нашиот јавен живот“.