Ова лето започна да сообраќа првиот северноамерикански воз на водород, кој ги превезува патниците во Канада. Возот е од француско производство и претставува краткорочна демонстрација, што значи дека ќе сообраќа до крајот на септември, со цел да иницира усвојување на овој вид на гориво во железничкиот сообраќај во Канада и САД.
Француската компанија ALSTOM, чие производство е овој воз, соопштила дека перформансите на забрзување и кочење се споредливи со стандардни возови со дизел мотори, но дека во овој случај нема емисии на гасови. Најголемиот дел од европските земји користи возови со погон на електрична енергија, но возовите на водород се идеални за места како што се оддалечените канадски села. Истиот модел на воз Coradia iLing, веќе се користел во осум европски земји, а 14 примероци сообраќаат во Германија од минатата година. Alstom започна да ги тестира своите возови од 2018 година и има дополнителни договори во Германија, Италија, и Франција. Coradia iLint користи околу 50 килограми водород дневно, а за истото патување со воз би се потрошиле околу 500 килограми дизел гориво. Возот на водород емитува само водена пареа како продукт на согорувањето. Но, факт е дека е потребен камион на дизел погон за транспорт на водородот до возот секогаш кога е потребно полнење, па идеално би било водородот да се прозиведува на местото на употреба. Сепак, долгорочната цел е промовирање на возот на водород како идеја, со цел да биде прифатен во што е можно повеќе региони.