Официјални лица од секторот за јавен превоз во Калифорнија, како и релевантните еколошки служби, ја завршуваат последната фаза од проектот за премин од 60 метри, што ќе биде најголем во светот како таков.
Овој премин ќе се наоѓа на само 56 километри од Лос Анџелес, што ќе го направи и првиот премин во светот од ваков вид кој се наоѓа најблизу до еден ваков голем град.
Проектот вреден 87 милиони американски долари е одговор на значителните потешкотии предизвикани од дивиот животински свет, вклучувајќи којоти, рисови, елени, одредени видови гуштери и планински лавови, преку автопат со десет ленти.
Според извештаите од весникот „Architect’s Newspaper“, на локалните планински лавови им се заканува опасност од исчезнување во наредните 15 години, доколку не им се дозволи слободно да се движат, а со тоа и пристап до партнерите за парење.
Преминот ќе биде изведен во согласност со амбиентот во дивината на кој животните се навикнати и ќе биде опремен и со звучни бариери за да се намали бучавата од возилата што може да ги исплаши животните.
Околните огради околу автопатот ќе ги насочат животните кон преминот, а на овој начин ќе се избегне страдањето на животните, како и трошоците за медицинска помош и поправки како резултат на судирот на возилата со животните.
Како и да е, на некои животински видови, како што се мечките, потребни им се години за да се запознаат со новите просторни структури, а потребно е истражување за нивното однесување за да се прилагодат животните во новиот систем што е можно поефикасно.
Преминот „Либерти Кањон“ се очекува да заврши до 2023 година, а 80 отсто од потребниот буџет ќе биде обезбеден од приватни донации од кои веќе се собрани 13,5 милиони американски долари.
Премини за дивиот свет низ патиштата најчесто се гледаат во Западна Европа и Канада, а еден од најуспешните и најпознати примери е во рамките на канадскиот национален парк „Банф“ во Алберта, каде има шест премини и дури 38 надградби за да се овозможи локалниот животински свет беспрекорно да се движи.