Вчера градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ ја отвори „Архитектонската изложба на студентски проекти – Училиште во парк“ која е работена во соработка со Архитектонскиот факултет, Скопје.
Четиринаесет архитектонски трудови, изработени од студентите на Архитектонскиот факултет, во соработка со стручните служби во општината изложени се во новоотворениот Културно Социјален Простор „Јадро“,(УЗ „Дане Крапчев“, улица „Алберт Ајншатјн“ број 2, веднаш спроти Зоолошка градина).
Како дел од проектот „Училиште во парк“, студентите по архитектура и стручната општинска администрација изминатиот период изработиле идејни решенија за таканаречен Центар за деца од претшколска возраст и основно образование. По завршувањето на изложбата, општинска комисија ќе ги разгледа сите предложени проекти и ќе го избере најдоброто решение, кое ќе се изведе кај спортското игралиште „Партизан“, во Градскиот Парк.
Проектот за Центарот за деца од претшколска возраст и основно образование вклучува изведба на градинка и основно училиште, со зачувување на постојното спортско игралиште.
Изложбата на трудовите ќе трае до 3. март, во КСП „Јадро“,центар наменет за реализирање на програмите на независната културна сцена.