Насловна / Вести / Во Хрватска 80% од граѓаните го селектираат отпадот

Во Хрватска 80% од граѓаните го селектираат отпадот

Дури 80% од граѓаните во Хрватска го селектираат отпадот, речиси половината носaт своја торба кога одат на пазарење, а четири петини користат штедливи светилки. Ова го покажало најновото истражување за ставовите на граѓаните на Хрватска во однос на одржливиот развој.

Речиси една четвртина од граѓаните се добро запознаени со концептот на одржливост. Над просекот со оваа идеја се запознаени мажите (26%), во однос на жените (21%), како и оние со повисок социоекономски статус. Хрватите се подготвени да платат повеќе за производи кои се еколошки одгледувани (43%), како и за производи и услуги од брендови кои се општествено одговорни (42%). Од друга страна, тие се подготвени да не купуваат стоки од компании кои не се посветени на зачувувањето на климата и животната средина. Таков став имаат 40% од испитаниците. Истражувањето покажало дека 37% од граѓаните се подготвени да платат повисока цена за користење на „зелена“ електрична енергија.

Но, намален е бројот на испитаници кои би купиле електрично или хибридно возило. За ова се изјасниле 33% од нив, што е пад за осум процентни поени во однос на минатогодишното испитување. Две третини од граѓаните сметаат дека за проценка на една компанија поважно им е транспарентното работење и фер односот кон купувачите и вработените, отколку економската моќ на самата компанија. Меѓу разните аспекти на одржливоста, на граѓаните најважен им бил односот кон вработените и заштитата на човековите права, како и недискриминацијата.

 

Испрати коментар

Scroll To Top