Во последниве години сме сведоци на најразлични иновации во светот на соларната енергија. Најновата ни доаѓа од Нормандија, Франција каде што за прв пат е пуштен во употреба соларен пат. Овој соларен пат е долг „само“ еден километар, но според властите во Франција, ова е само вовед во тоа што може да го очекуваме во иднина, а тоа се 1.000 километри вакви патишта низ целата држава.
Соларниот пат е составен од 2.880 фотоволтажни панели и по него се очекува да поминуваат околу 2000 возила дневно во наредниот период од две години, што ќе се смета за пробен период. Се очекува да произведува околу 280 мегавати електрична енергија годишно, која што најверојатно ќе се користи за осветлување на патот но и за потребите на жителите од најблиското гратче кое брои околу 3.000 жители.
Иновација од типот на овој соларен пат, отвара неограничен број на можности за во иднина. Иако се чини дека станува збор за идеалното решение, сепак се отвара дискусија кога станува збор за финансискиот дел на проектот. Имено за овој соларен пат во Франција се потрошени над пет милиони долари, или поточно 5,2 милиони долари, што кога ќе се направи анализа испаѓа дека е 13 пати поскапо од соларните кровови.
Сепак знаеме дека станува збор за екпериментален проект и во иднина се очекува да се намалат цените, како на производството на фотоволтажните панели така и на нивното поставување. Панелите се изработени од цврст матерјал кој што може да издржи не само комерцијални патнички возила туку и тешки товарни возила.