Кинескиот гигант Huawei, во источна Франција ќе гради погон за производство на технолошки компоненти за мобилните мрежи, што претставува прва фабрика на компанијата надвор од Кина. Во овој француски погон ќе бидат инвестирани минимум 200 милиони евра, и ќе бидат вработени 300 луѓе. Ќе произведува опрема за технологијата 5G за целиот европски пазар. Според Huawei, фабриката во Брумат, место на десетина километри северно од Стразбур, каде веќе постои голема економска зона, треба да произведува опрема во вредност од милијарда евра годишно. „Со оваа фабрика на раскрсницата на Европа, Huawei ќе го збогати своето присуство на континентот, каде веќе има 23 центри за истражување и развој, над 100 партнерски универзитети, повеќе од 3.100 снабдувачи и успешен синџир на снабдување“, истакнува кинеската компанија. Оваа објава доаѓа во тежок период за кинеската компанија, растргната во трговската војна помеѓу САД и Кина. Администрацијата на претседателот во заминување Доналд Трамп, смета дека Huawei претставува опасност за шпионажа на сметка на кинеската влада. САД повикаа бројни држави, посебно европски, да не ја користат инфраструктурата на Huawei во поставувањето на 5G мрежата.