Со исклучителните дизајнерски потези создаден е интригантен спој на повторно актуелните 70-тите и минимализмот во ентериерот на куќа во Сочи, на руското биро AM House Artem Babayants Architects.
Ентериерот на куќата од 250 квадратни метри е проектиран на две нивоа со акцент на отвореноста на просторот. Речиси секој агол од куќата нуди поглед на спротивниот. Воведувањето во просторот е преку делот за гардероба, кој што е многу видлив, но не го попречува протокот на комуникација ниту со својот изглед, ниту со положбата. Едноставни линии, избрани материјали, распоред на светлата, позиција и дизајн на влезната врата, едноставно – конкретно обликувани и апсолутно употребливи.
Поминувајќи покрај карактеристичните скали со стаклена ограда, просторот продолжува да се развива кон отворена кујна, трпезарија и дневна соба.
ВО ТОН НА ЖАД
Ентериерот на приземјето генерално зрачи со што помалку линии и бои. Што претставува своевиден авторски потпис на архитектонското биро.
Карактеристичен тон што одскокнува и ги акцентира внатрешните сегменти е тон на жад што може да се види на софите, на употребните предмети, па дури и на уметничките дела. Интересна е играта на светло и темнино, речиси ренесансна „chiaroscuro“ техника.
Покрај полната зелена боја и богатата земјена кафеава боја, која може да се види во кујната и другиот вграден мебел, може да се примети дека овој ентериер е всушност светол. Лесен и проѕирен со парчиња мебел чиј дизајн е карактеристичен за седумдесетите години на минатиот век.
Игра со дизајн од претходните епохи отсекогаш било интересно, а сега можеби и повеќе, бидејќи во овој случај, овој вид дизајн е навистина опиплив и близок. Облите линии на мебелот за седење во дневната соба, смирени се со едноставните линии на мебелот на „ТВ ѕидот“. Богатството од вени на каменот повторно го смирува материјал како што е Corian и му дава нова нота на просторот што едноставно освежува. Кујната е апсолутно минималистичка, вклучувајќи ги и материјалите и самото решение. Организацијата на просторот на кујнскиот остров значи директно поврзување на модерниот живот и чувството на враќање на старите навики – дека семејството секогаш се собира околу огништето.
Иако е преградена, на дневната соба се надоврзува работна соба и библиотека. Чувството на интимност постои, но не недостига ниту поврзаност, бидејќи просторот и светлината на дневната соба продираат во овој сегмент од објектот. Ротирачките линеарни панели повторно прават игра на светлината и темнината и продирање на просторот еден во друг.
Едноставноста на линиите кои се среќаваат во ентериерот ја „вознемирува“ само текстурата на дрво, која освен на вградениот фурниран мебел, може да се најде и почувствува во текстурата на паркетот.
ВО ТОН НА ТЕРАКОТА
Ако приземјето е природа, основа зелена боја на жад, првиот кат е теракота. Боја на тули и кров. Врвот на секој објект. На првиот кат, приказната за дизајнот од 1970-тите продолжува во ново руво.
Катот се состои од неколку сегменти и јасно е дека претставува неколку посебни зони за одмор. Тоновите се сè уште намалени, овој пат повеќе топли отколку ладни, бидејќи имаат елементи на теракота.
ИГРА НА СВЕТЛИНА И СЕНКА
Карактеристиките на овој кат не се само во различното искористување на просторот, туку и во различната динамика на користење на материјалите. Додека во приземјето има цврсти материјали, овде акцентот е повеќе на перфорираност на истите тие материјали.
Истиот мотив се повторува и при преминот од спалната во работната соба, додека вертикални прегради, слични на вертикални дрвени брисолеи, поставени се во работниот простор и неговата бања.
Во главната бања, гледаме дека захтевен материјал како што е камен, добил доволна количина на природна светлина што му дава на просторот способност да дише. Богатството на ова решение за бања е во неговата едноставност, изборот на материјали, обликот на кадата, мијалниците, славините и нивната меѓусебна „соработка“.
Сите потези во проектирањето на овој ентериер со шаховски јазик, внимателно се одбрани и очигледно резултат на добра соработка помеѓу клиентот и архитектот, бидејќи едното не може да функционира без другото.