Насловна / Арт и дизајн / Во Египет е откриена пивара стара 5.000 години

Во Египет е откриена пивара стара 5.000 години

Американски и египетски археолози ја откриле можеби најстарата позната пиварница во Абидос, едно од најважните места од периодот на антички Египет. Абидос е античка некропола во пустината западно од Нил, 450 километри јужно од Каиро.

Според официјалниот претставник на Министерството за антиквитети Мустафа Вазири, пиварницата датира уште од времето на владеењето на фараонот Нармер, обединувачот на антички Египет и основач на т.н. Прв династички период (3150-2613 п.н.е.).

Egipet

Археолозите пронашле осум големи производствени единици, долги 20 и широки 2,5 метри. Според Вазири, тоа вклучува околу 40 глинени базени што се користат за загревање на мешавина од житни култури и вода за правење пиво.

Еден од водечките археолози на проектот, Метју Адамс, вели дека пиварницата најверојатно е изградена во таа област за да обезбеди пиво за кралски ритуали, бидејќи археолозите досега откриле докази за употреба на пиво во жртвените обреди на античките Египќани.

Egipet1

Британските археолози први претпоставија постоење на пиварницата на почетокот на 20 век, но не успеаја да ја утврдат нејзината локација, објави египетското Министерство за антиквитети, а пренесува Бета.

Со огромни гробишта и храмови од најраниот период на антички Египет, Абидос бил познат по своите споменици во чест на Озирис, богот на подземниот свет кој им судел на душите на мртвите.

Некрополата во Абидос никогаш не била напуштена, од најраните денови во египетската историја до римското освојување.

Египет објави десетици откритија во последните неколку години во обид да го оживее туризмот, кој претрпе голем удар поради политичката нестабилност од падот на Хосни Мубарак во 2011 година.

Испрати коментар

Scroll To Top