Во 1994 година, геолозите кои ги мапирале каменоломите на стариот Египет, идентификувале 12 километарски поплочен дел кој водел до еден каменолом за базалт до езерото Моерис. Користејќи ја керамиката пронајдена на тоа место, која веројатно е оставена од работниците на каменоломот, истражувачите успеале да го лоцираат времето на овој пат, а тоа е периодот од 2600 година п.н.е до 2200 година п.н.е. Така, оваа патека станува најстарата откриена поплочена улица на светот.
Улицата е користена за транспорт на вулканскиот базалтен камен од каменоломот до езерото Моерис, кое во тоа време било поврзано со Нил, овозможувајќи каменот со брод да се носи до Гиза. Токму тој базалт е користен за посмртните храмови на тоа место. Постојат и постари улици, но ниту една не е поплочена.