--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Во Доха е изградена првата современа џамија за жени

Во Доха е изградена првата современа џамија за жени

Во срцето на Education City, образовен и истражувачки центар во Доха, главниот град на Катар, неодамна е завршена изградбата на џамијата Ал-Муџадила, проектирана од познатото њујоршко биро Diller Scofidio + Renfro (DS+R).

Најавен како „првата модерна џамија во светот изградена специјално за жени“, овој револуционерен простор е проектиран со идеја да ги зајакне припадничките на понежниот пол преку богослужба, образование и заедница.

Проектот, идејно конципиран од нејзиното височество Шеиха Моза бинт Насер, претседателка на Фондацијата Катар, се простира на 4.600 квадратни метри и комбинира традиционални елементи со напреден просторен јазик.

Повеќе функции под еден кров

Како што објаснуваат од DS+R, проектот на џамијата Ал-Муџадила ги одразува исламските вредности на искреност (ихлас), служење (кхидма) и знаење (илм), а истовремено се занимава со растечките потреби на жените во религиозните, образовните и социјалните домени.

„Да се направи џамија за жени беше огромен предизвик, ова е првата наменски изградена џамија за жени било каде во светот и тоа силно нѐ привлече. Исто така е и хибридна градба, како место за образование и работа. Спојувањето на тие функции под еден кров, со часови, дијалог и дебата, беше многу важно, бидејќи предходно непостоело место за тоа“, изјави Елизабет Дилер, ко-основач на DS+R.

Може да се каже дека проектот на њујоршкото студио DS+R е и симболичен и функционален. Така со голем, континуиран кров го надвиснува просторот и се издига над салата за молитва, а потоа се спушта кон образовните области.

Според Елизабет Дилер, кровот е перфориран со 5.500 мали конусни отвори кои дифузираат природна светлина низ просторот. Светлината се менува во текот на денот и нежно го осветлува подот, без директна сончева светлина, што секако е клучно во екстремната клима во Катар.

„Благодарение на кровот, објектот е термички ефикасен бидејќи само 5% од површината на кровот е перфорирана, но благодарение на формата, дури 45% од долната страна е осветлена со дифузна светлина. Големиот челичен распон ја елиминира потребата од внатрешни столбови, овозможувајќи отворен простор кој пружа поглед и врска со околниот пејзаж“, вели Дилер.

Модул од 1,25 метри

Молитвената сала со површина од 875 метри квадратни, со капацитет до 750 вернички, ротирана е за 17 степени за да биде насочена кон Мека, а светларникот над михработ ја осветлува нишата. Специјално дизајниран мебел и монументален рачно изработен тепих од новозеландска волна ги реинтерпретираат исламските мотиви, а тепихот со обемот е прилагоден да одговара на вкупниот број вернички.

„Најдовме прекрасен турски тепих за молитва, таман за една особа. Го фотографиравме, го дигитализиравме и го проширивме на целиот простор. Во тој процес, тој стана ‘нискарезолутен’ и тоа ни се допадна. Боите станаа апстрактни, но оригиналната композиција остана, каде што централното поле е врамено со бордура“, објасни Дилер.

Проектот предвидува за време на Рамазан  да се проширува салата во повеќенаменски простор, со зголемување на капацитетот на 1.300 вернички. Во близина има училници и библиотека со над 8.000 книги, вклучувајќи исламски текстови и дела од муслиманки.

Стандард во однос на еколошката одговорност

Секако, еден од највпечатливите елементи на зградата е минарето, кое е редизајнирано за 21 век како кула од 39 метри со мрежаста структура и вградени звучници кои се креваат и спуштаат пет пати на ден.

„Традиционално, муезинот се качува на минарето и ги повикува верниците. Со тек на времето го заменија звучници и снимени молитви. Ние не можевме да го вратиме муезинот, но сакавме да вратиме дел од тој ритуал. Звучниците се подигнуваат за време на повикот за молитва, а потоа полека се спуштаат. Сакавме тоа да стане своевидна претстава. Тоа се случува пет пати на ден, а навечер изгледа чудесно“, вели Лиз Дилер.

Џамијата Ал-Муџадила е проектирана во согласност со LEED Gold сертификација и системот GSAS, и претставува стандард во однос на еколошката одржливост, имајќи предвид дека на проектот се користени автохтони растенија, рециклирани системи за наводнување, санитарни јазли со мала потрошувачка на вода и енергетски ефикасни уреди.

Симболичен и функционален дизајн

Ал-Муџадила е и место за богослужба и центар за интелектуална и општествена дискусија. Центарот е проектиран со идеја да организира различни програми, од дневни молитви и учење до Јадал, годишен самит на кој говорници од целиот свет се собираат за да разговараат за улогата на муслиманките во јавниот живот.

Тимот спровел опсежни истражувања за да ги разбере потребите на муслиманските жени и на овој начин се изнедриле три клучни области на кои се посветиле. Тоа се: развој на капацитети (лидерство, јавно говорење, благосостојба), верско образование кое поттикнува критичко размислување и градење на заедницата.

Испрати коментар

Scroll To Top