Данската компанија European Energy ја пушти во погон својата прва голема постројка за зелен водород, а исто така отвора и погон за зелен метанол. Оваа компанија развива проекти за производство на енергија од обновливи извори ширум светот, а присутна е и во регионот на Југоисточна Европа. Постројката се наоѓа во близина на Есбјерг, петтиот по големина град во Данска. Изградбата е завршена во јуни, а сега проработел првиот електролизер.
Во компанијата велат дека во план е и проширување на постројката со уште два електролизери. Вториот електролизер би требало да биде поставен во 2025 година. Кога сите три електролизери ќе бидат во функција, постројката ќе има вкупен капацитет од 12MW и очекувано годишно производство од 1.500 метрички тони водород. European Energy има потпишано договор за балансирање и оптимизација со компанијата Centrica Energy. Таа ќе управува со ветерната електрана која е на иста локација како и постројката. Вкупната инсталирана моќност нa оваа електрана е 16MW и истата ќе ги напојува со електрична енергија електролизерите за производство на „зелен“ водород. Вишоците генерирана топлина од овој процес ќе бидат испорачувани на локалниот оператор на системот за далечинско греење, со што European Energy ќе придонесе во декарбонизацијата на овој град. На крајот на август во Есбјерг била трајно исклучена последната термоелектрана на јаглен во Данска.
Компанијата објавила дека во постапка е и пуштањето во работа на нејзината фабрика за зелен водород со капацитет од 32.000 тони годишно. Меѓу клиентите е компанијата Maersk, која минатата година го претстави првиот товарен брод на светот со погон на метанол. Неодамна компанијата добила грант од Иновациониот фонд на Европската унија во вредност од над 50 милиони евра за изградба на втора постројка за производство на зелен метанол во Данска.
Компанијата European Energy постои од 2004 година и работи во 28 земји, меѓу кои и во земји од Југоисточна Европа. Неодамна, компанијата добила одобренија за приклучување на мрежа за соларни и ветроенергетски проекти ширум Романија, со околу 500MW вкупен капацитет. Нивниот вкупен развоен план во таа земја сега надминува 1,5GW од солар и ветер. Во Грција планира развој на 19 ветерни паркови со вкупно 653MW.