Пролонгираниот рок за поднесување барања за легализација на дивоградби истекува во четврток. Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти се овозможи да се поднесе барање за легализација до 31-ви овој месец до општините каде е изграден објектот. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. За новоподнесените барања е определен рок за доставување геодетски елаборати до крајот на наредната година. Барања за легализација до четврток ќе може да поднесат и компаниите што имаат инфраструктурни објекти, оптички, бакарни кабли, водоводи и друга инфраструктура.
Согласно законските измени, за до крајот на годинава е пролонгиран рокот за доставување геодетски елаборати за барањата за легализација поднесени во 2011 година. Со тоа, според Министерството за транспорт и врски, би се комплетирала документацијата и општините ќе може да ги решат предметите.