Насловна / Вести / Работилница во Битола за енергетска ефикасност на општините

Работилница во Битола за енергетска ефикасност на општините

 

Energetska efikasnost ilustracija
Агенцијата за енергетика на Република Македонија и претставници на Светска банка денеска во Битола го промовираа проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“.

Програмата ќе се спроведува 18 месеци и има за цел да ја зголеми ефикасноста на користењето енергија во општините во Македонија со унапредување на капацитетот на локалните самоуправи да идентификуваат и спроведуваат енергетски ефикасни можности во општинскиот сектор, истакна Здравко Стефановски, претставник на тимот што го реализира овој проект.

– Настојуваме на општините да им го зголемиме капацитетот, имаме акциски планови и физибилити студии со сет алатки што ќе им овозможат на општините самите да изработуваат документација. Веруваме дека на овој начин се создава пат до создавање на Фонд за енергетска ефикасност за кој години наназад се залага Светска банка но за жал се уште не постои во нашата држава, истакна Стефановски.

Реализацијата на проектот во овој момент се врши во осум пилот-општини Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман, кои ќе изработат различни документи што се важни за енергетска ефикасност на општината и споделување на искуствата со сите општини во земјата, беше истакнато на работилница во Битола.

– Со овој проект ќе се обезбеди унифициран извештај и можност за соработка во други сектори, и поголема прегледност во инвестирањето. Енергетската ефикасност е потребна заради поголема заштеда на финансиски средства, зголемен стандард на живеење и работење, зголемен број на работни места и намалување на емисијата на стакленички гасови, посочи Панче Атанасовски, претставник на Агенцијата за енергетика.

Во рамки на проектот ќе биде подготвен и дистрибуиран и прирачник, наменет да ја води општинската администрација низ процесот на создавање ефикасна и остварлива програма за енергетска ефикасност. 

Испрати коментар

Scroll To Top