Општина Битола и архитектонското биро „Мегарон-инженеринг“- Скопје денеска го промовираа идејното решение и проектот за изградба на новиот фудбалски стадион под Тумбе Кафе со капацитет од 12.000 гледачи.
Новиот фудбалски стадион во Битола ќе биде изграден според меѓународни стандарди и според критериумите на ФИФА и УЕФА, и ќе биде класифициран во стадиони од втора категорија на кој ќе може да настапува и националната сениорска фудбалска селекција.
– На стадионот ќе бидат изградени три нови трибини и ќе се реконструира сегашата јужна трибина. Ќе изградиме фудбалски стадион кој Битола од Хераклеја до денес никогаш го немала. Реализацијата на овој проект ќе почне од 1 јуни, а најголемата инвестиција и содржини се поврзани со северната трибина која чини околу 4,5 милиони евра, додека вредноста на целиот стадион е околу осум милиони евра. За изградба на новиот стадион ќе отвориме и посебна донаторска жиро сметка затоа што очекуваме поддршка од стопанствениците, но и од Македонците во странство, – истакна градоначалникот Владимир Талески.