Јелисавета Начиќ, жена со чудесна биографија, храбра и талентирана, го градела Белград во времето кога тој се трансформирал од турска касаба во модерен европски град. Таа е првата жена архитект во Србија, а во нејзина чест се слика мурал на една зграда на Дорќол. Муралот го работи архитектот и уметник Андреј Јосифовски – Пијанист. Начиќ била дел од првата генерација архитекти кои се школувале во Србија, на новоформираниот Архитектонски отсек на Техничкиот факултет и дипломирала во 1900 година. Самиот факт дека една жена запишала студии било голема реткост на крајот ан 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога само 7% од жените во Србија биле елементарсно писмени.
Јелисавета Начиќ за релативно кратко време проектирала многу, бидејќи нејзиниот работен век бил прекинат од Првата светска војна. Била иновативна и храбра во своите решенија. Со голем успех се занимавала со урбанизам, како и со проектирање на приватни, јавни и станбени објекти. Голема слава стекнала во 1903 година, кога добила трета награда на конкурсот за проект на црквата на Караѓорѓевиќи на Опленац кај Топола. Иако не победила, тоа ја лансирало во светот на српската архитектура. Меѓу нејизните архитектонски дела, посебно се издвојува еден бисер. Тоа е зградата на основното училиште „Крал Петар Први“. Иако овој објект го проектирала доста млада, непосредно по завршувањето на студиите, зградата претставува многу зрело, добро компонирано, функционално и естетски кавлитетно остварување. Во тоа време, објектот бил најмодерната училишна зграда во Србија. Претходно училиштето го носело името „Соборно основно училиште“.