Мината недела, министерот за рударство и енергетика во српската влада, Александар Антиќ, на Машинскиот факултет во Белград, свечено го отвори националниот Центар за енергетска ефикасност. Притоа, тој порача дека Центарот има сериозни квалитети за градење на една нова енергетска иднина на земјата, во која конечно заштедата на енергија ќе биде позначајна дури и од изградбата на нови енергетски објекти.
Ангажирањето на Енергетските менаџери кои ќе се обучуваат во овој центар, наскоро ќе биде обврска за индустријата која троши енергија над 2.500 toe (тони еквивалент на нафта), за општините со над 20.000 жители, како и за деловните и комерцијални објекти со потрошувачка над 1000 toe.
Формирањето на овој центар е дел од Проектот „Помош за унапредување на системите на енергетски менаџмент во сите сектори на потрошувачка на енергија во Република Србија“, кој од крајот на 2013 се реализира преку заедничка соработка на Министерството за рударство и енергетика и Јапонската агенција за меѓународна соработка (Japan International Cooperation Agency – JICA).