Данското архитектонско биро BIG и холандското Barcode Architects заеднички го потпишаа проектот на неодамна реализираниот аголен станбен блок Sluishuis во амстердамскиот кварт IJburg.
Изграден на вештачки остров во езерото IJ, овој станбен блок во форма на квадрат го опкружува внатрешното пристаниште со двојна конзола што формира порта над езерото.
Панорамски поглед од кровот
„Нашиот Sluishuis е замислен како градски блок во центарот на Амстердам кој плови во езерото IJ, заедно со сите аспекти на градскиот живот“, изјави за Dezeen основачот на BIG, Бјарке Ингелс.
„Кон градот, зградата изгледа како да клечи за да ги покани посетителите да се качат на нејзиниот кров и да уживаат во панорамскиот поглед на новите населби на IJ“, додаде тој.
Опишан од данските и британските архитекти како „нов орјентир за IJburg“, овој станбен комплекс содржи 442 стана.
Зградата има карактеристична форма, со блокови на двете страни на квадратот што се конзолно поставени за да се создаде рез над водата, а другите два блока се спуштаат за да создадат тераси со станови што се отвораат на горните балкони.
„Со култната архитектура, како и нови типологии на домување, висококвалитетните отворени простори и неверојатен поглед на езерото IJ, Sluishuis е нова знаменитост за IJburg, како и за целиот Амстердам“, вели основачот на Barcode Architects, Дирк Петерс.
Зграда во пристаниште, со пристаниште внатре во зградата
Четири блока затвараат двор што се спушта до водата. На приземје, со излез на дворот, се наоѓаат школа за едрење, центар за спортови на вода и ресторан со голема тераса.
„Кон водата, Sluishuis се издигнува од реката, отворајќи огромна порта за влез на чамци и да се пристапи во пристаништето. Зграда во пристаниште, со пристаниште во зградата“, додаде Ингелс.
Над приземјето, блоковите, кои се обложени со алуминиум за да ја рефлектираат околната водена површина, содржат низа станови со различни големини – од студија до пентхауси.
На горните два ката се дуплекс пентхаусите, додека становите во внатрешноста на конзолата имаат поглед директно на водата.
Градина со шеталиште на кровот
Онаму каде што блоковите се спуштаат за да создадат тераси, обложени се со дрво во контраст со надворешната алуминиумска завршна обработка.
Два долги скалишни крака се искачуваат на две аголни фасади што водат до јавен зелен кров и градина со шеталиште на самиот врв на зградата.
Покрај станбениот блок, комплексот содржи и пристаниште со сидриште за 34 куќи на сплавови и везови за 54 пловила.