Градот Амстердам нареди дека 20 отсто од сите нови станбени проекти во Амстердам што треба да се изведат мора да бидат изградени од дрво или други био-материјали.
Договорот наречен Green Deal Timber Construction, потпишан од 32 општини во Амстердам, вклучува зголемување на употребата на дрво во градежни проекти, како и намалување на употребата на челик и бетон или материјали кои генерираат големи количини на јаглерод диоксид при нивното производство.
Се очекува преку овој план холандската престолнина да успее да ја исполни својата цел за „климатска неутралност“ до 2050 година, пишува Dezeen.
Овој потег се очекува да ги намали емисиите на јаглерод диоксид во градот за приближно 220 олјади тони годишно, што е еквивалентно на просечните емисии генерирани од 22 илјади домови. Исто така, се очекува значително намалување на емисиите на азот.
Изградените структури, на глобално ниво, моментално се одговорни за околу 40 отсто од сите емисии на стакленички гасови. За да се намали оваа бројка, многу архитекти ширум светот се свртуваат кон дрвото како примарен градежен материјал. Една од најголемите предности на дрвото е тоа што може да апсорбира големи количества јаглерод од атмосферата и да го складира во самата зграда, со што се елиминираат емисиите на јаглерод што зградата ги создава во текот на својот животен век.
За пофалба е што Амстердам не е единствениот град кој воведе закони кои поттикнуваат употреба на биоматеријали. Во Њујорк, градскиот совет одобри употреба на цврсто дрво за изградба на згради високи до 26 метри. Во 2020 година, француската влада се согласи дека новите јавни згради во земјата мора да бидат изградени од најмалку 50 отсто дрво или други природни материјали.
Со цел да придонесе за подобра реализација на договорот, градот Амстердам ќе инвестира и во истражување засновано на развој на дрво и био-материјали кои се користат во градежништвото, како и во компании посветени на градот да ги постигне своите цели во оваа област.
Иако договорот првенствено му помага на Амстердам да стане јаглеродно неутрален, тој исто така ја поддржува целта на градот за постигнување кружна економија бидејќи дрвото и другите био-базирани материјали лесно се користат и се рециклираат.