Минатата година општина Илинден во координација со Водостопанство „Скопско Поле” и ЈКП „Илинден”, изврши машинско и рачно чистење на вкупно 38 километри од каналската мрежа што се наоѓа на нејзина територија.
Поради рамничарскиот терен на кој што се наоѓа општина Илинден, доаѓа до постојано покачување на нивото на подземните води, па затоа со редовното одржување на главните, секундарните и терцијалните одводни канали се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина, која е еден од условите за квалитетен живот на населението.
Во таа насока општина Илинден минатата година донесе Одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на територија на Општината, со цел да ги уреди односите меѓу граѓаните, јавните комунални претпријатија и Општината, а која во голем дел се однесува на функционирањето и одржувањето на каналската мрежа.
Обезбедувањето проточност на каналската мрежа, континуираното чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали останува еден од главните приоритети на општина Илинден, имајќи предвид дека на нејзина територија се протегаат отворени одводни канали во должина од 120 километри.