Редакцијата на Порта 3 со задоволство ја додели наградата за 2021 за градежништво на инженер кој неуморно се занимава со истражувања и наука и се залага за вистински вредности и стручност во професијата. Веќе неколку години сте директор на ИЗИИС, кои се придобивките и новините во работењето?
Неблагодарно е јас самиот да ги потенцирам придобивките од моето работење како директор на ИЗИИС. Сепак има резултати на кои сум особено задоволен и ќе останат да бидат сведоци за идните генерации. Меѓутоа веднаш да потенцирам дека тоа не се само мои лични заслуги туку за тоа е заслужен целиот колектив на ИЗИИС. За тоа беше потребно многу труд и работа за да се постигне пред сè една позитивна атмосфера каде што колегијалноста и професионалноста ќе биде на највисоко можно ниво. Можеби една од најпозитивните работи е секако вработување на 10 млади научни кадри кон крајот на 2020 година, со што се обезбеди кадровски потенцијал, толку потребно освежување за да се осигура континуитетот на Институтот. Исто така како позитивна новина беше донесувањето одлука за интерни научноистражувачки проекти, тоа се проекти финансирани од сопствени средства, во услови на пандемија и во услови кога државата воопшто не финансираше научноистражувачки програми. Се стремам и како директор и како професор, континуирано да вложуваме во опрема, во специјализации и усовршување на кадарот и на тој план исто така имаме постигнато забележителни резултати. Посебно би истакнал дека на конкурсот објавен од страна на Министерството за образование и наука за финансирање научноистражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси) добивме грант во кој Институтот ќе учествува со околу 30 % сопствени средства. Во тек е реализацијата на овој проект, и слободно можам да кажам дека ИЗИИС ќе набави опрема на ниво на еден светски истражувачки центар.
Сте претстојувале и работеле на повеќе светски универзитети во Токио, во Бохум, Германија, Калифорнија, Дејвис, САД, Павиа, Италија. Каде е нашето образование во однос на овие центри?
Сум имал среќа, да престојувам на повеќе универзитети и водечки центри во областа на земјотресното инженерство , како докторанд, како постдокторанд, како гостин професор. И во тој правец би рекол дека секоја од високоразвиените земји има свој систем на образование и наука со свои специфики и не е така лесно да се споредува нашето образование со нивното. Ако ме прашувате во доменот на земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија мое мислење (кое сепак може е и субјективно) е дека нашето образование сè уште држи чекор со овие светски центри. Тоа би рекол се должи пред сè на големата традиција на Институтот, акумулираното искуство и знаење од повеќе генерации на професори, континуираната работа и интензивната меѓународна соработка. Без да соработуваме, без да конкурираме на меѓународен план, може да мислиме дека сме најдобри, но во границите на нашата држава од Гевгелија до Табановце. Во ИЗИИС, за магистерските и докторските студии (втор и трет циклус на студии) предавањата, материјалите, книгите секогаш биле на англиски јазик, се користат извори на знаења кои се меѓународно признати, наставниците и професорите имаат забележително меѓународно искуство. Овој образовен процес во ИЗИИС има продуцирано кадри кои се во овој момент водечки експерти во светски рамки. Сето ова го потенцирам бидејќи ова се аргументите кои ми даваат за право да кажам дека и покрај општото незадоволство кое владее во нашата држава кон образовниот процес, магистерските и докторските студии во ИЗИИС се на високо ниво не само во општеството туку и во регионот и пошироко во Европа. Секако дека има голем простор за подобрување, како организациски во поглед на примена на новите дигитални и информатички алатки, така и во обновување на студиските програми кои реално треба да бидат во согласност со потребите на индустријата и стопанството. Според мене наш успех во образованието ќе биде кога на магистерски или докторски студии ќе се запишат поголем број на студенти од Германија, Италија, Англија, Швајцарија и други земји, а за тоа секако се потребни и други предуслови кои се надевам ќе бидат постигнати во блиска иднина.
Пропишан е рок за приспособување од три години (до септември 2023 год.) за примена на еврокодовите кај нас со можна паралелна примена и на важечките стандарди. Како тече овој процес?
Ова прашање e многу значајна тема на која треба да се пристапи со голема сериозност и внимание. Во изминатиот период премногу време се потроши на преводи, ревизии на преводи, експертски ревизии на ревизиите на преводите на еврокодовите, а многу малку се посвети на квалитетни обуки за нивна практична примена во нашата градежна пракса. Дека не е лесен преминот од постојните сè уште актуелни македонски прописи за проектирање кон новите еврокодови, покажуваат и искуствата од соседните земји (Грција, Бугарија, Хрватска Словенија…), кои исто така имаа трнлив пат на премин од националните кон европрописите. Сепак мора да признаеме тие се далеку пред нас. Започнавме иницијатива со претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, м-р Кристинка Радевски д. и. а. за организиран и сериозен пристап во подготовка на обуки за практична примена на еврокодовите и се надевам дека во многу скоро време ќе имаме и нешто поконкретно. Институтот е активно вклучен уште од самиот почеток во овој процес на еврокодовите, го изработивме и делот од Националниот анекс во Еврокодот ЕС8, за сеизмички карти за различни повратни периоди. Во овој домен сметам дека имаме најрелевантни податоци кои се базираат на научни истражувања, значи не е оној принцип „… усвојување на сите препорачани вредности во националните анекси – default values…“, практика која се примени скоро кај сите други национални анекси и која може да има и контрапродуктивно влијание во самото проектирање на еврокодовите. Да резимирам, ни претстои уште многу работа, многу обуки, многу читање на еврокодовите и постепена примена во пракса, со многу ум и отворени очи, не само слепо пуштање компјутерски програми и земање здраво за готово на добиените резултати. А новата генерација на еврокодовите е скоро готова и ќе почне наскоро да се применува во европските земји.
Fulbright грант на UC Davis, Калифорнија, САД
Покрај редовна ревизија на градежно-конструктивните проекти од овластен инженер, непоходно е да се добие и Мислење за проектиран степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата (МИС1 и МИС2). Зошто беше ова неопходно? Сметате ли дека ова придонесе за подбар квалитет на проектирањето?
Согласно чл. 4-а од Законот за градење, „… потребно е да се обезбеди позитивно мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, од страна на субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија…“ Дополнителната контрола од страна на ИЗИИС (научен институт) која се спроведува согласно овој член апсолутно сметам дека го подобри квалитетот на проектите. Не треба многу мудрување, еве само да се споредат градежно-конструктивни проекти и соодветните ревизии, изработени пред и после донесување на овој член. Па и најголемите дежурни критичари на овој член ќе спуштат капа, тоа е факт. Примери за подобрување има десетици: проектантите станаа поодговорни, ревидентите посветуваат повеќе внимание на ревизијата, комплетирањето на техничката документација се подобри (само да се потсетиме, геомеханичките елаборати претходно се изработуваа во многу ретки случаи само за многу големи и значајни објекти), подобрена е контролата на проектите за надградби, доградби на постојни стари објекти. Знаете во досегашната примена на овој член од Законот за градење имаше многу коментари, дискусии, иницијативи пред Уставен суд, и тоа е добро, и треба да има, ние сме демократска земја, меѓутоа во ниту една стручна дискусија, од технички аспект, не беше оспорен фактот дека овој процес има позитивна улога во градежништвото во нашата држава.
Колегите градежни инженери често коментираат дека студенти им ги проверуваат проектите и дека ИЗИИС нема доволен капацитет да ги ревидира сите проекти во државава. Прават ли притисок „големите инвеститори“ на т.н. капитални проекти да се прогледа низ прсти?
Процесот на издавање мислења за проектиран и изведбен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, во ИЗИИС е комплетно „дигитализиран“ и е „web based friendly“. Од моментот на поднесување барање до моментот на добивање на мислењето сè се реализира преку интернет и електронска пошта. Ова решение е дизајнирано и развиено во ИЗИИС, не е набавен комерцијален софтвер или нарачан од некоја програмерска куќа. Инаку директно и индиректно во процесот на издавање мислења секојдневно учествуваат повеќе од 50-тина лица. Во однос на коментарите дека студенти ги проверуваат проектите (претпоставувам коментарите доаѓаат од професори кои се јавуваат како проектанти) треба да му претставува задоволство на секој, а особено токму на тие професори, бидејќи тоа се нивни поранешни студенти на кои сигурно во текот на студиите им обезбедиле одлична едукација и сега тие се спремни за сите предизвици. Инаку за ваша информација тоа не се студенти од прв циклус на студии, тоа се наши колеги кои се магистранди и докторанди, едни од најдобрите студенти, кои знаат и тоа како добро да ги контролираат проектите. Е сега ако во проект на некој професор или „искусен“ проектант констатираат недостаток, тука не треба да работи суетата, туку напротив треба да се има професионален и колегијален однос сè со цел да се добие квалитетен и технички комплетиран проект. Сите барања за добивање мислења, за нас имаат исто значење, дали тоа се на големи или мали инвеститори за нас тоа е ирелевантно. Единствен критериум за нас е градежно-конструктивниот проект да е изработен согласно техничките стандарди и правилници и секако да е комплетен. Не би рекол дека постојат притисоци, можеби има во многу мал обем, пред сè се работи за мала нетрпеливост и притисок да се изработи мислењето во пократок рок. Особено „притискаат“ инвеститорите кои не се запознати со самиот процес, бидејќи мислат дека ова е како вадење извод од некоја државна институција (поднеси барање и за еден ден добиваш документ), не знаејќи дека се контролира секој елемент од проектот.
Најголем инженерски сувенир – легендарниот Bay Bridge – Сан Франциско
Се појави ли „паралелен“ ИЗИИС, Институт за земјотресно инженерство и климатски промени – ИЗИКП кој исто така издава мислења? Валидни ли се нивните мислења за проектиран степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата?
Ха, ха, ха е ова стварно ме насмеа до солзи. Ова уште не сум го слушнал паралелен ИЗИИС ?! Добро ова ви е можеби мала провокација, од типот на „fake news”, па да ги слушнеме коментарите. Судејќи по буквите во краткиот назив донекаде можеби и има некоја сличност. Еве ако ја оставиме шегата на страна, за овој упад во членот 4-а од Законот за градење, има соодветни одлуки од Владата, од Министерството за транспорт и врски и секој писмен инженер проектант, инвеститор треба да си ги прочита и да си одлучи. Мое мислење е дека тоа беше еден очаен обид, преку матни игри и замајување со евтини трикчиња (како на пр. доведување во заблуда со слично име на правно лице, бомбастични изјави, поставување лица од естаблишментот во одбори, вработување постари пензионери) да се искористи еден краток моментум нешто да се ќари. Еве претходно ме прашавте за капацитетот на ИЗИИС, што е во ред и на место и со задоволство ви одговорив. Меѓутоа ве прашувам дали вие како медиум го поставивте истото прашање каков капацитет има ова правно лице кога се промовираше дека може да издава мислења согласно чл.4-а? Мислам дека и дистрибуиравте пропаганден материјал од ова правно лице во едно од вашите изданија, а знаевте ли барем со каков кадровски капацитет е тој правен субјект? Немојте да мислите дека само вие бевте доведени во заблуда, и многу други паднаа на таа финта или сакаа да паднат. Добро во Македонија сè уште важи правилото секое чудо за три дена… Е сега дали се валидни изработените мислења од ова правно лице, е големо прашање? Што треба во крајна линија да ги загрижува инвеститорите. За тоа си има одлуки од Влада, од министерства, Државен градежен инспекторат, единствено што знам е дека веќе има неколку предмети за издадени мислења од ова правно лице пред второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски.
Постземјотресна мисија – земјотес во Niigata, Јапонија (2004)
Каква е соработката на ИЗИИС со останатите центри во Европа и од кои сè платформи за истражување е дел Вашата институција?
Меѓународната соработка е еден од столбовите на работата на Институтот и дејност која во голема мера придонесе за реномето и угледот кој го има денес ИЗИИС. И покрај пандемијата во овој домен во последните неколку години бележиме извонредни резултати. Во фокусот на оваа соработка се меѓународните научноистражувачки проекти финансирани од Европската комисија, тука пред сè мислам на Хоризон 2020, Хоризон Европа, Темпус, Еразмус + и др. Впрочем ова се полињата на кои научните и универзитетски центри од цела Европа се натпреваруваат, конкурираат и соработуваат. Успехот на овие полиња, се релевантните аргументи за оценката на квалитетот и достигнувањето на некој универзитет. Научен центар ИЗИИС во последните неколку години учествуваше со свои предлог-проекти, но и во конзорциум со други институти и универзитети од Европа со заеднички предлози на поголем број на повици за финансирање од Европската комисија. Мора да потенцирам дека овие повици (конкурси) се исклучително конкурентни и стапката не успех не надминува од 10 % , а за некои повици дури таа е и помала. Ми претставува особено задоволство што во ИЗИИС се оформува млад научен тим поддржан од поискусните колеги, кој го препозна значењето на овие европски проекти и работи интензивно на подготовка на предлог-проекти, аплицирање, вмрежување во меѓународни институции и секако тоа носи резултати. Токму кога го водиме ова интервју, ИЗИИС во конзорциум со 12 други врвни научни институции од областа на земјотресното инженерство од Европа (координатор е The University School for Advanced Study IUSS Pavia, Италија) доби грант во рамките на програмата Horizon Eurоpe кој во наредните години секако ќе биде најзначаен проект од оваа област на европско тло.
Со проф д-р Ikuo Towhata , проф д-р Kenji Ishihara – доајените на земјотресно геотехничко инженерство и со најблиските соработноци од ИЗИИС – Рим 2018 – 7ICEGE
Колкав е интересот на младите градежни инженери за дообразување во вашата научна институција?
Интересот на младите градежни инженери за втор и трет циклус на студии кои се организираат на студиските програми во ИЗИИС е во корелација со уписот на студентите од прв циклус на студии на сродни области (пред сè градежништво, геотехника, архитектура). Општо е познато дека областите поврзани со информатичката и телекомуникациската технологија во последните години се најинтересни за студирање на младите кадри. Во тој контекст и интересот на студентите за продолжување на студиите во областа на земјотресното инженерство не забележува некој пораст. Магистерските и докторските студии на ИЗИИС се малку и специфични по тоа што се повеќе насочени кон истражувања отколку кон класично студирање. Сепак може да кажам дека и покрај помалиот квантитет во уписите, имаме одличен квалитет на студенти. Наставно-научниот кадар на ИЗИИС максимално се вложува да им обезбеди услови за студирање на студентите слични или исти како и во европските центри. Правиме напори да ги обновуваме нашите лаборатории, да бидат достапни за истражувачка работа за магистратури, за докторати, студентите да имаат активно учество во европски научноистражувачки проекти, обезбедуваме стипендии за најдобрите кандидати, сè со цел младите кадри да ја гледаат својата иднина тука во сопствената држава.