Ова мало парче земја давала и дава инспиративни ликови, а еден од нив, кој фасцинира со своето необично хоби е Влатко Милошевски, по вокација инженер по електротехника и компјутерски науки, а во слободно време колекционер и пасиониран трагач по заборавени уметнички бисери инспирирани од Македонија.
Универзитетско образование за електротехника завршува на УКИМ во Скопје во 1994 година, потоа магистрира компјутерски науки и инженеринг на Универзитетот на Флорида, Геијнсвил, ФЛ, САД во 1999 година, а неговата амбиција и професионалност го носат во Холандија и во Белгија каде сега живее и работи, но родниот крај му е секогаш во срцето, па често заглавува во вечерните часови истражувајќи и барајќи нови и нови уметнички дела поврзани со нашата историја и културно наследство, во обид да го склопи мозаикот од љубопитство што секој од нас го има за минатото на овие простори, како се живеело, какви биле обичаите, традицијата, културата и историјата, каква била архитектурата и природата.
Како резултат од 25-годишното истражување, минатото лето, во Куќа на Уранија во Охрид , посетителите имаа неверојатна можност да ја погледнат изложбата и промоцијата на монографијата „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“, каде се сублимирани повеќето од колекционерските дела изработени од странски сликари кои престојувале овде во едно турбулентно време. Делата кои се содржани во Лексиконот се сопственост на Влатко, дел од неговата приватна колекција, кои тој ги откупил на аукции со кои се сретнал во физичкиот или во дигиталниот свет при своите истражувања.
Дел од поставката во куќа Уранија
Лексиконот не е само визуелна ризница, туку и истражувачки труд, полн со факти за непроценливите културни вредности што ги поседуваме. Влатко не само што е пасиониран истражувач и љубител, туку часови и часови троши на проверка на веродостојноста на тие факти и тоа уште повеќе воодушевува за неговата посветеност.
Тој, исто така, редовно ги ажурира податоците на неговата веб-страница за Лексиконот, како и на страницата на Фејсбук, кои имаат извонреден едукативен карактер и привлекуваат голем број посетители, реакции и споделувања, особено што Влатко знае да го привлече вниманието со неговиот интересен, „Денбраунов“ стил на раскажување. Секоја објава крие нови возбудливи сознанија, но јас овде ќе издвојам неколку што ми одвлекоа внимание. Меѓу најинтересните објави е сликата „Две калуѓерки“ на Борко Лазески, од неговиот период на работа како професор на Ликовната академија во Багдад, Ирак.
Борко Лазески – Две жени на пазар ( на аукцијата продавана под назив „Две калуѓерки“)
Според Влатко, називот на сликата е објавен неспретно, бидејќи не се прикажни калуѓерки, туку две ирачки жени облечени во хиџаб кои носат тепсии баклава на главите за да ги продаваат на пазар. Карактеристично за творештвото на Лазески е појавата на таен код, во вид на мал детаљ инспириран од македонскиот фрескоживопис, како лик на светец или некоја библиска сцена умешно сокриена во композицијата. Токму во оваа слика, под хиџабот на една од жените, се наѕира умешно сокриениот благодатен лик на Богородица од македонските фрески, со што уметникот сака да постави акцент на присутноста на Богородица како дел од секоја жена без разлика каде во светот.
Интересен факт е дека во своето 25-годишно колекционерство, Влатко успеал да налета на само шест дела од македонски сликари: две дела на Никола Мартиноски, „икона“ на Кондовски и по едно дело од Вангел Наумовски, Петар Мазев и Борко Лазески. По долго време, повторно налетува на уште пет македонски дела (две големи платна на Васко Ташковски, две големи платна на Трајче Јанчевски и едно големо платно на Илија Пенушлески) и тоа во ист каталог за продажба на една аукциска куќа во Австралија, што можеби значи дека пристигнале од исто место, но за Влатко изненадува, ниската почетна цена на наддавањето, 100 австралиски долари или 63 евра по слика, потценувачка со оглед на вредноста што ја поседуваат овие слики.
Никола Петковиќ, „Македонски селани“
Интересен преглед за културата и традицијата, даваат и многу сликари војници кои биле дел од војските во различни периоди од минатото на овие простори. Импресионираат и цртежите на сцени со македонски селани во традиционална облека, чии иницијали Н. П. долго го оставаат во неизвесност нашиот Влатко, за да после долго време пребарување открие кој вистински се крие зад тие иницијали. Тоа е уметникот Никола Петковиќ, српскиот Ван Гог, кој студирал сликарство на позната академија во Виена (каде студирале и Егон Шиле, Густав Климт и Оскар Кокошка), а чие творештво било запоставено во тек на животот, за да повторно биде откриен по смртта и да достигне максимална слава.
Олександр Иванович Лажејчников (Русин),„Охридско Езеро“, масло на панел, 1925г
Фасцинантен е и податокот дека во 1951 година во Охрид пристигнува и г-дин Чезаре Бранди, најдобриот италијански конзерватор во функција на стручно лице испратено од УНЕСКО, за да учествува во работата на Комисијата за конзервирање и заштита на црквата Св. Софија во Охрид. Чезаре при својата посета на Охрид бил фасциниран од фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта, дело на средновековните зографи Михаил и Евтихиј, така што кога се вратил во Италија, го објавил својот труд „Ренесанса на Палеолозите“ каде пишува дека сите европски земји подоцна ја усвоиле италијанската ренесанса, освен Македонија која имала своја ренесанса во многу елементи слична на италијанската. Овој негов научен труд имал голем одек кај фрескосликарите од цела Европа, кои посакале да го посетат Охрид и со свои очи да го видат ова чудо од средновековното византиско фрескосликарство. Навидум оваа колекционерска страст на Влатко почнува толку спонтано, но продолжува како прекрасно хоби за кое тој ќе каже: „Сѐ започна една декемвриска вечер, 2004 година. Додека семејството спиеше, јас се опуштав со моето омилено хоби – потрага по интересни слики на интернет. Тогаш ги открив првите дела од мојата колекција – мали маслени студии од Охридско, околу 1915 година, направени од, во тоа време, малку познатиот српски сликар Никола Пектовиќ. Ми беа потребни скоро 5 години истражување и к’смет, додека не ги поврзам сите точки за да добијам претстава за поврзаноста на овој сликар со Македонија. Во тоа патешествие на потрага по информации, почнав да ги собирам имињата на сликарите кои нѐ посетиле во периодот 1850-1950. Печатената верзија на Лексиконот содржи над 250 биографии и над 500 фотографии од нивни македонски дела. И ова не е целосен список. По промоцијата, добив реакции и информации за нови сликарски имиња. Би сакал Лексиконот да доживее второ надополнето издание. Музеите во Солун и во Софија имаат голем број македонски дела на овие странски сликари. Би било убаво да се организира една заедничка изложба. Уметноста гради мостови на пријателство и е моќен дипломат.“
Ричард Генсер, акварел, „Празник Св. Кирил и Методиј“, Скопје, 1917 г.
Иако неговото хоби и професионална определба изгледаат различни, сепак имаат и сличност, за што Влатко ќе кажи: „Истражувањето во инженерството и уметноста можеби звучат различно, но се слични. Со обидуваш да одиш по нова патека која дотогаш била непроодна. На работа, се обидуваме да направиме електроника од еколошка пластика. Со Лексиконот на странски сликари се обидувам да откријам една нова и непозната историја – Македонија во делата на странските сликари. И во науката и во уметноста, истражувањето е всушност поврзување на навидум неповрзани точки, од каде што се појавува нова контура и форма. Во науката, „поврзувањето на точките“ е всушност фабрички рецепт за производство на ваква нова електроника. Во уметноста, колекцијата на слики се поврзани точки кои ја раскажуваат непознатата историја на Македонија.“
Готард Бауер, „Селани кај црквата Св.Климент (Св. Богородица Перивлепта), Охрид, 1917 г.
За тоа кои се најинтересни места за трагање по вакви „скриени богатства“, за конкуренцијата и заинтересираноста за овие вредни парчиња уметност, Влатко ќе ни се довери: „Највозбудливи се секако пазарите на антика и „бувљаците“. Таму никогаш не знаеш што можеш да најдиш. Ги има секој викенд низ Белгија и Холандија. Нивната посета ми стана викенд ритуал. Најчест извор на дела за колекцијата или нови податоци за Лексиконот се аукциите. Порано не беше лесно да се откријат македонските дела. Потребно беше рачно пребарување, една по една аукциска куќа. Денес е полесно, постојат аукциски агрегатори, на кои со едно пребарување на клучните зборови „Macedonia“, „Macedoine“, „Makedonien“… и слично, ќе ги добиете сите слики кои во описот го имаат некој од овие клучни зборови понудени на продажба низ цел свет. Со појавувањето на веб- страницата на Лексиконот www.artlexicon.mk, сега почнаа директно да ме контактираат потомците на овие странски сликари, како и луѓе кои во нивна сопственост имаат некоја македонска слика. Не е лесно да победиш на овие аукции, постојат грчки и бугарски колекционери со подлабоки џебови од мојот кои исто собираат слики од Македонија.“
Густав Бајол, акварел, „Селанки од с. Полог, Битолско“, 1917 г.
За мотивацијата и чувствата кои ги буди секоја од овие потраги, но и за начинот на презентација пред пошироката јавност со цел подобро запознавање со културните, етнолошки, архитектонски и др. елементи од минатото на македонското поднебје, Влатко ќе објасни: „Без разлика каде и да се отселиш, на кој јазик најчесто ќе зборуваш, и колку долго ќе живееш надвор, во себе ја носиш Македонија. Без разлика што работиш, ти стануваш еден мал македонски емисар во светот. Ако сакаш светот да те прифати како личност и да види вредност во тебе, тогаш светот треба да ја прифати и види вредноста на Македонија, која е дел од тебе. Затоа на светот постојано ќе се обидуваш да му ги пренесеш твојата романтична слика и чувството на вљубеност во Македонија. Во сликите на овие странски сликари каде што Македонија им била нивна муза и инспирација, многу добро е доловен оној роматичен дух на Македонија кој е дел од тебе. Кога странската публика ќе ги види овие ликовни дела, тогаш лесно ќе го разбере твоето интимно чувство кон Македонија. И полесно ќе ја види Македонија со твои очи и чувства.“
Едвард Лир, „Пристигање во Охрид“, 1848 г.
Лексиконот допира до една чувствителна тема поврзана со културното наследство кое за жал нашиот народ како да не го препознава доволно, но и покрај тоа интересот што го предизвика е голем, а тука е и институционалната грижа, на што Влатко се надоврзува: „Минатата година, „приказните“ на фејсбук-страницата на Лексиконот биле прочитани од 500.000 читатели, биле споделени над 1.500 пати и собрале над 20.000 „лајкови“ или други реакции. Се обидувам да ги пишувам овие приказни на едноставен јазик, разбирлив за секого, и за ликовни експерти, но и за луѓе од која било професија. Црпам мала инспирација од книгите на Ден Браун, кој врз сувопарните фактографски податоци фрла една аура на мистерија и трилер. Се трудам да го охрабрам читателот да ги „поврзе точките“. Приказните често започнуваат со некои битни глобални светски настани, но потоа се зумираат кон една индивиуа – сликарот, кој животот го носи во Македонија, а Македонија го инспирирала да створи уметничко дело. Секоја приказна има среќен крај: фотографии од овие дела, кои се целосно непознати на јавноста.
Во образованието е многу битно на кој начин ги сервирате информациите кон луѓето. Пораснав во систем каде што се „бубаа“ на памет што е можно поголема количина на информации. За мене претставуваше културен шок кога го продолжив образованието надвор, каде што образованието е фокусирано на ефикасно пренесување на минималното количество на потребни информации. Најбитно таму е човекот со позитивност и со уживање да ги прифати минималните информации, а ентузијазмот ќе го натера човекот сам да продолжи подлабоко да оди во материјалот. Веќе гледам промени во пристапот. На пример, ги препознавам овие позитивни промени во комуникацијата на Националната галерија, како и на Музејот на македонската борба. Треба да продолжат по тој пат.“
Ото Памкок, „Бранови на Охриското пристаниште“, 1953 г.
Охрид има бројни цивилизациски вредности низ еден историски континуитет од праисторија до денешно време. Во многу од делата од оваа колекција, јасно видлива е таа инспирација за различни уметници кои престојувале тука во минатото, па го замолив Влатко да издвои некои од нив што му се посебно драги: „Охрид и неговата околина доминираат во делата на странските сликари. И денес, и пред 150 години, Охрид и неговата нестварно убава природа ги инспирирал уметниците и патеписците. Од мојата колекција би издвоил три дела, цртежот со мастило „Пристигање во Охрид“ направен од Британецот Едвард Лир (1812-1888) во 1848 година, каде што се гледа заливот на Охрид од кај селото Рамне. Потоа тука е големиот гваж „Селани кај црквата Свети Климент 1917“ од Германецот Готард Бауер (1887-1976) за да овој стогодишен период 1850-1950 би го завршил со дрвописот на Германецот Ото Панкок (1893-1966) „Бранови на охридското пристаниште 1953“. Овој триптих ја илустрира еволуцијата на уметнички стилови, од романтизам и ориентализам кои доминирале во средината на 19-тиот век, преку колоритен постимпресионизам кој се развил под влијание на Винсент ван Гог, до повоен екпресивен модернизам од крајот на 1940-тите години. Убаво е да се види Охрид низ сите овие уметнички и временски призми.“
Лудвиг Хескаимер, (Австриец) бакрорез (сува игла) „Пазар на бакар“, Битола, 1917 г.
За идните планови, дали сето ова богатство во блиска иднина би добило своја постојана поставка, можеби и во негова приватна галерија и дали и другите градови ќе ја имаат привилегијата на Охрид да ја видат изложбата, Влатко одговори: „Секако дека мојата животна желба е да се донесе целата колекција „дома“ и да се отвори трајно за посета. Во светот и во соседството постојат такви легат-музеи кои привлекуваат голем број посетители и се туристички атракции. Постојат и прекрасни локации каде што би можел да се направи таков Музеј на странски сликари во Македонија. На пример, старите објекти со препознатлив архитектонски лик, како што е зградата на стариот Работнички универзитет во Охрид, би можела да се трансформира во галерија од типот на галеријата Пеги Гугенхајм во Венеција. Добивам молби и покани од градските галерии во Битола, Струмица, Крива Паланка итн., да ја донесеме колекцијата таму. Во овој момент, целава работа ја „туркам на мускули“ – со сопствени средства, време и напор. За да се реализира оваа идеја за постојана поставка, дефинитивно ќе ми биде потребна помош, било од државата, било од приватни фирми или од поединци кои би застанале зад еден таков проект.“
За крај, порака на Влатко до нашите читатели архитекти, уметници, градежни инженери.
Низ кариерата и животот пловам на основа на овие мои темели:
1) Бидете горд(а) на себе си.
Бидете горд(а) на Вашиот избран стил, школо, град, семејство, земја… Луѓето ќе Ве сакаат повеќе, ако Вие се сакате себе сѝ повеќе.
2) За студентите: Ако не знаете по кој пат да тргнете во животот – останете во школо.
Денес, голем број на млади со талент прерано се решаваат да го прекинат образованието и да пробаат или со своја фирма или со самопотрага низ патувања и активности. Ако немате јасна патека пред себе, по многу поминати години ќе сфатите дека сте на истото место од каде што тргнавте.
3) Кога ќе донесете одлука, универзумот ќе ве следи.
Наречете го судбина, карма, к’смет… Но, постојано ми се случува. Кога ќе донесете одлука со цело Ваше срце, тогаш универзумот ќе тргне по Вашите стапки. Ќе се отвори ново работно место, ќе се случи вистински контакт во вистинско време, ќе почнат да Ви се отвораат вратите кон остварување на Вашата одлука. Но, за носење на битни одлуки, ќе ви биде потребна сила.
4) Оставете нешто зад себе.
Денес сме во рана пролет, која многу брзо ќе мине во лето во кое ќе уживаме и нема ни да забележиме дека дошла есента, која пак ќе стегне и замрзне во зима. Денес сме млади, но за миг животот ќе помине и на следната генерација ќе треба да ѝ оставиме нешто подобро од она што ние сме го имале. Оставете нешто зад себе кое ќе остане кога Вас ќе ве нема. Изградете уникатен објект, напишете книга, обучете некој млад колега, насадете дрво, изгледајте деца… Ви оставам Вам и на Вашата имагинација…
Автор: Ивана Групче, дипл. инж. арх.
Мери Едит Дурам, илустрации од книга „Балканскиот товар“1904г, Христијанско маало во Охрид, Св. Софија Охрид и Саат кула Ресен