Насловна / Вести / Влатко Коцевски: 15 години стручност, одговорност и исполнителност

Влатко Коцевски: 15 години стручност, одговорност и исполнителност

влатко статика екипа_03Од 2001 година до денес, м-р Влатко Коцевски е сопственик и менаџер на специјализираното друштво за статичко и асеизмичко проектирање објекти од високоградба и мостоградба „Статика 001“ Скопје, и веќе има зад себе 25-годишно искуство во доменот на проектирањето градежни конструкции од најразличен тип: армирано-бетонски, преднапрегнати, челични, спрегнати и дрвени. Повод за разговорот е 15-годишнината од постоењето на компанијата.

Петнаесет години постоење е убав јубилеј за секоја компанија. Кога ќе погледнете наназад, колку сте задоволни од досега сработеното?

-Првенствено, во овие моменти се чувствувам горд затоа што фирмата, која ја имам основано и воедно ја менаџирам, овие денови направи јубилеј – 15 години од своето основање. Исто така, не можам да го скријам своето задоволство за евидентниот успех, за којшто говорат самите цифри. Независно, дали тоа се однесува на бројот на вработени, а започнав како и повеќето луѓе како „one man show“, или пак бројот на изработени проекти досега. А тоа се 1.245 проекти од високоградба и 90 проекти од мостоградба. Имаме направено 733 ревизии на проекти и извршено 114 надзори над изградба на објекти кај нас во Македонија и во странство. Можеби ќе звучи нескромно, но кај нас се чека по два-три месеци инвеститорите да дојдат на ред за да порачаат проекти за статика. Во моментов, работиме на 33 проекти кои се во различна фаза на изработка, а уште девет нови проекти се на листата на чекање. Како најпрепознатливи проекти во Македонија кои сме ги изработиле се: скопскиот и охридскиот аеродром „ТАВ“, спортската сала „Јане Сандански“ во Аеродром, клиничкиот центар во Штип, црквата Св. Константин и Елена во Скопје…влатко статика екипа_07

Кои се тие човечки и технички квалитети, и начин на работа, за кои сметате дека се разликувате од вашите колеги кои ја вршат истата дејност?

-Успехот на своето работење го темелиме врз основа на три основни принципи, кои ги држиме како константа, а тоа се: стручност, одговорност и исполнителност, што генерално кажано, ретко кој може, односно, сака да ги почитува. Што се однесува до човечките ресурси, фирмата брои 13 градежни инженери и техничари, од кои двајца магистри по градежништво и тројца кандидати магистри. Овие проектанти претставуваат добро истрениран и организиран тим, кој е способен во секој момент да одговори и на најголемите предизвици при проектирањето. Многу се инвестира, особено во едукацијата и надградбата на помладите проектанти на кои секојдневно несебично им се откриваат „тајните на проектирањето“. Во делот на техничка опременост, располагаме со најновите светски достигнувања, особено во областа на компјутеризацијата. Нашата фирма е секогаш меѓу првите во имплементацијата на најновите софтверски решенија во проектирањето градби, а најмногу за специјализираниот софтвер од својата област.

Мостоградбата, за разлика од повеќето проектантски бироа во Македонија, е една од вашите специјалности и сте ангажирани на изработка на проекти во таа област. Кажете ни на кои проекти работите и во која фаза се?

-Да, еден сектор од нашата фирма е ангажиран на проектирање објекти од мостоградбата. Последниве неколку години бевме силно ангажирани на изработка на проекти за повеќе од 40 објекти (мостови, вијадукти, надвозници, подвозници) на коридорот К-8, или попознат како автопат кој ќе ги поврзува Македонија со Бугарија и Албанија, и кои денеска интензивно се градат.Aerodrom TAV vnatre_2014 god

Аеродром „Александар Македонски“ во Скопје

Колку кај нас се имплементираат светските достигнувања од доменот на асеизмичкото проектирање на градби?

-„Статика 001“, освен со „класичното“ проектирање, има и свој сектор кој се занимава со имплементација на светските достигнувања, но и со развојот на нови технологии во доменот на асеизмичкото проектирање на градби кај нас. Денес, ние го трасираме патот за реализација на првата „базно-изолирана“ зграда во Македонија. Тоа всушност ќе биде почетокот на бришење од меморијата на луѓето на психолошкиот страв од земјотресните последици, затоа што овој тип на градби даваат 100% материјална и човечка сигурност од каков било тип земјотрес на кое било место во Македонија.

Слушнавме дека сте почнале и со инвестиција во изградба на објекти. Кажете ни нешто повеќе за ова?

-Точно е тоа. Последниве неколку години тлееше една идеја да се испробаме и како добри неимари на стaнбени објекти. Така, минатата година, во овој период  започнавме, а денeс сме во завршна фаза на нашиот прв инвестициски објект – станбена зграда од околу 1.000 м2 на падините на Водно. Тоа е едно ново одлично искуство за нашата фирма, кое ни овозоможи на најубав и транспарентен начин да ги реализираме нашите конструктивни замисли во реализација. Следи нова поголема зграда во Тафталиџе.

Да се навратиме на вашиот почеток, како млад инженер кој тогаш излегол од државна фирма, со кои предизвици се сретнавте?

-Секако, прв поголем предизвик беше „освојувањето“ на пазарот на труд, односно како пред инвеститорите да се наметнеш и воедно докажеш дека си квалитетен и способен да изработиш еден проект, а сепак ценовно да си конкурентен. Пирамидата на „освоените“ инвеститори денес има огромен базис. Вториот предизвик, кој, пак, денес е на прво место, е како сработениот проект да го наплатиш.Sportska sala 2_2014 god

Спортска сала

Каква е соработката со надлежните институции во државата и со приватните инвеститори во градежништвото, и дали имате некое свое искуство и видување на овие исти релации во нашето поблиско или подалечно опкружување?

-Соработката со сите институции и инвеститори е на задоволително ниво, особено соработката со Градежниот факултет, како и со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), додека со Министерството за транспорт и врски, таа е само на формално ниво. Што се однесува до соработката со приватните инвеститори, таа е на високо професионално ниво. Според некои мои сознанија, за овие погоре споменати релации, на Балканот ситуацијата е многу слична со нашата, додека од мое лично искуство што го имам во последниве неколку месеци со инвеститори од Германија, отскокнува најмалку за две скалила во однос на тоа што значи професионализам во работата, но тоа е Европа, нели?!

Да се навратиме повторно на вашата фирма. Дали работите и надвор од Македонија?

-Со нашата квалитетна и исполнителна работа ние сме присутни и надвор од Македонија. Така, заедно со наши надворешни соработници имаме направено пробив во некои странски земји. Секако, заради близината, тоа се, пред сè, земјите во нашето блиско соседство: Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, но тука се и Русија, Ирак и Авганистан. Пред само неколку месеци го „пробивме“ и германскиот пазар и во моментов во завршна фаза ни е проектот за првиот станбен објект во Дизелдорф, а веќе имаме нарачки и за нови проекти од таму.Crkva Sv Elena i Konstantin vo gradba 2013 god

Црква „Св. Константин и Елена“ во изградба, Скопје, 2013 година

Каде ја гледате вашата фирма по 10-ина години? Што планирате за во иднина да смените во вашата досегашна работа на фирмата и на кои проблеми и предизвици ќе се фокусирате?

-Резултатите што одат по нагорна линија со геометриска прогресија, ни даваат за право да констатираме дека добро функционираме и очекуваме дека така и ќе продолжиме. Што се однесува до промените што би ги инкорпорирал во наредниот период, тие би биле дефинитивно во доменот на уште поголема теоретска и практична едукација и надградба на стручноста на целата екипа-проектанти, преку бројни посети на наши објекти за нивно теренско рекогнисцирање. Што се однесува до проблемите, на првите три места би ја ставил наплатата, а потоа сè останато. Мој личен предизвик е скорешно проектирање, а потоа и изведба на деловен објект на нашата фирма со форма и пропорции на конструкцијата, што долго ќе го „заковува“ погледот на секој минувач… Дотогаш, другите детали околу ова се мала деловна тајна.

Редакција Порта 3

Испрати коментар

Scroll To Top