Владата на Република Македонија вечерва ја одржа третата седница, на којашто се донесени одлуки за санација на штетите од поплавите во тетовскиот регион, од невремето на 5 јуни.
Како што беше заклучено на вчерашната седница, формирани се комисии од страна на министерствата за транспорт и врски, за земјоделство шумарство и водостопанство и за животна средина, коишто во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово во изминатото денонокие веќе ги констатираа состојбите на теренот, по што е свикана веднаш вечерва владина седница за побрзо да се интервенира и да се помогне на луѓето кои се засегнати од последиците од временските неприлики.
На седницата на Владата на Република Македонија вечерва, информирано е дека постои нанос од песок и земја од околу 70.000 метри кубни, на регионалниот пат Тетово – Јажинце, кај Порој, што е неопходно брзо да биде исчистен. За таа цел задолжени се Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово веднаш да отпочнат постапка за расчистување на наносот на овој фрекфентен и потребен пат за жителите од овој регион, во што Владата препорача да помогне и АРМ.
Исто така, на седницата е информирано дека од поплавите во тетовскиот регион зафатени се 50 хектари земјоделски површини, пред се овошни и градинарски насади и житни култури. Владата на Република Македонија го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја отпочне постапката на прибирање барања од земјоделците за надомест на штети, по што надлежни комисии ќе излезат на терен за увид на штетите и висината на средствата потребна за нивно обештетување.