Насловна / Арт и дизајн / Владимир Георгиевски: Моето ателје

Владимир Георгиевски: Моето ателје

Ви пренесуваше како размислуваше и што велеше за неговото ателје нашиот омилен професор на Архитектонскиот факултет и истакнат сликар Владимир Георгиевски (1942-2017).

МОЕТО АТЕЛЈЕ

Кај голем дел од луѓето, кога се во прашање сликарот и неговoто ателје, или нивниот взаемен однос, владее едно „чудно” мислење дека тој, работејќи во своето ателје и воспоставувајќи однос кон него „успеал да избега од светот и сам, чекорејќи низ облаци, разговара со таинствени сили”. Верувам дека ваквото „мислење” се должи на „возбудливите приказни за осамениот и проколнатиот сликар”.

Кога сликарот е во сопствениот простор наречен ателје, точно е дека е сам со себе, но точно е и тоа дека е сам меѓу сите човеколики битија на земјава. Таа осаменост, воспоставува уште посилни и подлабоки врски со сè она со што тој е опкружен од надвор. Низ тишината на ателјето и осаменоста во него, грмат илјадници гласови на сè она што е живо на овој свет и на се она што одамна исчезнало. Низ осаменоста меѓу тие гласови, врие животот и прашањето за неговата смисла како водата во котелот врз силниот оган! Ателјето е неговиот мозок, стомак, срце и неговиот крвоток. Тоа е место каде што се поставува прашањето за човековото раѓање во неговата трансцедентна смисла и на неговото умирање, со истиот контекст. Во тој простор на обдукција врз сопствените заклучоци, размисли, сомнежи и претпоставки, на скриена надеж исполнета со невидена љубов кон природата и нејзините законитости, тој го осмислува не само сопственото творечко постоење, туку и постоењето на времето идно, сегашно и минато, како една единствена целина. Зошто тоа е во него, а не тој во нив. Да се одживее сопствениот живот низ една единствена слика што се создава од раѓањето, па се до смртта своја, значи тој да се сфати и разбере како дел од една блескава светлина што се движи, со невидена и до сега неизмерена брзина…

Don Quixote 11

И токму таквото чувствување на севкупната човекова драма под небесната купола, ја закрепнува и ја зајакнува неговата концентрација. Играта наречена Сликарство, низ таквата концентрација, ги воспоставува сопствените железни закони и правила. Тогаш, во тој миг, ателјето прераснува во затвор на слободата…

Секоја линија, секоја површина покриена со боја, до колку се живи, се истовремено и необорливи сведоци за сликаревата поврзаност со животот и неговата вистинитост! Сликарот е сраснат со сопственото ателје и тоа е нивна заедничка судбина. Кога го напушта, ќе го понесе со себе; во ателјето останува еден голем дел од сликаревото битие. Така, тие постојано се заедно, дури и во соништата! Нивната меѓусебна поврзаност е одредена со силното чувство за неминовниот мир, што е цел на секое движење.

Свети Ѓорѓи ја убива ламјата

Во ателјето на сликарот нема луѓе; има гласови, звуци, бои… Тој ги слуша, гледа, ги толкува… И токму нивната сила е силата што не му дозволува да до напушти ателјето.  И затоа, влегувањето во него, за ненајаваните посетители е најстрого забрането. А за оние што се најавуваат, постои едно друго време, кога можат да влезат.

Во својата онтолошка смисла, ателјето и сликарот во него, минуваат низ силни премрежија и искушенија. Така зајакнува нивната вера. Низ тој простор води патот кон Голгота.  Кон неа, под тежината на сопствениот крст, без право на помисла на воскресение. Унамуно е во право кога вели: “Кажете ми како некој умрел и јас ќе ви кажам како живеел.”

Во големото ателје

Единствена можност да се пребродат вистински сите тие бездни е сопственото признание, пред самиот себе си за немоќта да се насликаат нештата од внатре, а не од надвор!

Сè што се наоѓа во ателјето има таинствен живот. И моделите во него се слика за прагревот и страдањата по него. Односот на сликарот кон нив ќе мора да е длабоко искрен. Од таму, комуникацијата со историјата е мошне жива; таа,  историјата, за сликарот не е стар изветвен орман во кој се одамна проверени и докажани настаните што се случиле и луѓето во нив. Не, за него тие се живи и што е мошне значајно, одделни луѓе и нивните дела се негови современици, доколку тој чувствува потреба да изучува. А, барем до сега, не постоел сликар кој сè знаел и сè му било јасно. Не, тој и неговото ателје учат додека сè заедно, еден од друг и еден во друг…

Љубовници

Сликите што се раѓаат и излегуваат од ателјето се вистински отпечаток на светот надвор од него. Но, вистинитоста на тој отпечаток не е во неговата нарација, туку во неговата внатрешност. И сè што влегува заедно со сликарот заедно во ателјето бива изнесено пред неговиот искрен и жесток суд и пред неговата моќ пресудата да ја преточи во дело. Во текот на таквото просудување, мноштво факти ќе бидат избришани и на ново напишани и пак избришани. Тоа ќе потрае сè до нивната вистинска употребливост како знаци во животот на идната слика. И сликарот нив ги памети; тој учи врз сопствените грешки, кои мора да ги признае многу посилно од сопствените успеси. Низ паметењето на сè што пресликал или уништил, ќе мора да расте неговата самокритичност, зaшто таа е неговото единствено прочистување…

Смислата и значењето на ателјето, како внатрешна духовна соба на сликарот, еволуирале во онаа мера, во која еволуирал човекот – сликар. Лично, мислам дека само тајната е згусната сè повеќе, со секое ново човеково раѓање и тешко е да се зборува за било каква еволуција.

Секој работен простор е слика на оној што работи во него. Од внатре, а не од надвор!

И се додека влегувам во МОЕТО АТЕЛЈЕ единствена актуелност ќе биде ТАЈНАТА НАРЕЧЕНА ЧОВЕК.

ВГ

Ивор: https://www.vladimir-georgievski.com/

 

Испрати коментар

Scroll To Top