Владата подготвува пакет-измени на постојните и носење целосно нови уредби кои ќе ги опфатат законите за градење, за просторно и за урбанистичко планирање, за катастар, за експропријација, за еврокодови, пишува денес „Дојче веле“.
Веќе било формирано национално координативно тело во кое се вклучени претставници од Владата, од министерствата, од општините, од другите надлежни институции, како и од здруженијата на архитекти, на градежници, но и претставници на стручната и научната фела со кое раководи професорот Мирослав Грчев.
„Во следните два месеца ќе изготвиме интервентни измени на кои стручњаците укажаа, пред сè, со цел да се отстранат аномалиите и противречностите. Потоа ќе започнеме со изработка на сосема нов сет закони, процес што ќе трае 7-8 месеци“ откриваат од Владата.
Само Законот за градењето во последните 5 години бил менуван 25 пати. Со ова, според надлежните, настанал вистински хаос во регулативата и на терен. Речиси на иста линија е и стручната фела. Во Комората на овластени архитекти и инженери (КОАИ) сметаат дека е крајно време да се воведе ред.
Урбаниот хаос ќе се средува и со законски измени и со засилен надзор, велат од Владата. Сепак, негираат дека ќе има уривање на објекти – сè што досега било направено, а било во рамките на постојните закони, ќе остане.
„Основна цел е подобрување на животот на граѓаните. Урбаниот хаос го нарушува просторот. Во Скопје досега масовно се градеше без план, проблемот е помал во другите градови, но таму не се внимаваше воопшто на она што се нарекува архитектонско решение или урбанистички изглед на локалната единица… Ова е болната точка што ќе треба да ја коригираме иако нема можност состојбата целосно да ја вратиме назад, но мора да ја смениме генералната перцепција дека во сферата на урбанизмот владее хаос, дека владее корупција и тоа е она што нè боли сите нас“, велат извори во Владата.
Архитектите предупредуваат дека, освен законските измени, мора да се донесат и сосема нови урбанистички планови и тоа не само за главниот град.
Каква е моментната состојба доволно зборува податокот дека сега во централното градско подрачје на Скопје во тек е изградба на десетици големи станбени згради, од кои добар дел и со по стотина и повеќе стана.