Насловна / Вести / Владата објави мерки за заштита од загaдувањето

Владата објави мерки за заштита од загaдувањето

mkd-94656

Од утре до 21 декември ослободени од работа ќе бидат бремените жени и лицата над 60 годишна возраст во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион поради загадувањето на воздухот кое деновиве е над дозволеното. Ова е една од повеќето краткорочни мерки што ги донесе Владата на РМ на седница поради неколкудневното континуирано загадување на воздухот во овие региони.

Како што истакна портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев исто така се препорачува  работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на квалитетот на воздухот. Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено. Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап кон некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други.

Zagaduvanje-magla-Skopje-4
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека исто така се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се забрани движење на товарни возила од периодот од 7 до 21 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат улиците.

Една од одлуките е инспекторатите да вршат засилена контрола на компаниите и капацитетите што имаат А и Б еколошки дозволи или кои се во процедура на нивно добивање. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите сервиси кои користат масло за греење.

Испрати коментар

Scroll To Top