Владата нема резервен план што ќе прави со промашената траса на автопатот Кичево-Охрид, ако преговорите со кинеската Синохидро не завршат успешно. На два дена пред истек на рокот за изградба на оваа делница се уште не е потпишан анекс за продолжување на рокот за изградбата, а министерот за транспорт и врски Сугарески очекува преговорите да финишираат во следните неколку дена.
„Ние имаме контиунирано средби во текот на изминатиот период со кинеската компанија, се со цекл да го договориме анексот договорот за продолжување на рокот на изградба на автопатот. Некаде во финална фаза сме и очекувам наредниве денови да направиме конечен договор. Ние преговараме бидејќи тие се изведувачи, се дури не завршат преговорите, не треба да имаме поинаков план.“ – вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Претходно Сугарески најави дека со Синохидро ќе се потпишуваат два анекса- едниот за продолжување на рокот за завршување на автопатот, а вториот за дополнителната сума пари потребна за доизградба.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, кој исто така е вклучен во преговорите вели дека според проценките најверојатно рокот за изгрдаба ќе се продолжи за уште три години со што оваа делница би била готова 2021 година.
„Таму не е возможно да се запази рокот и по некоја проценка на стручните лица, тоа би траело околу 36 месеци, но да оставиме да завршат преговорите.“ – вели Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
Иако официјално не се открива, според груби проценки целосносто завршување на Кичево-Охрид би ја чинело државата половина милијарда евра, или 9 милиони евра километар автопат.
Автопатот Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8, кој се протега од граничниот премин со Бугарија кај Крива Паланка, па се до Ќафасан со Албанија. Во следните 3-4 години планирано е добар дел од овој коридор да стане автопат, или да се прошири во експресен пат.