Kengo Kuma & Associates проектирале аголна композиција со убаво распоредени волумени. Комплексот наречен Kibi Kogen N Square се состои од креативен објект, coworking простор и кафуле.
Проектот е резултат на регионална размена, сместен е во Kibichuo, град во префектурата Окајама, Јапонија. Локална компанија, Systems Nakashima, презела иницијатива за развој на проектот, потпишан од Kengo Kuma & Associates.
Објектот е внимателно поставен на блага падина; минималното уредување на околината ја става зградата и нејзината препознатлива форма во прв план.
Обликувањето на фасадата открива луциден дијалог помеѓу стаклото и дрвото: првото овозможува лесно продирање на природна светлина во ентериерот, додека второто го потврдува чувството на приземност во архитектурата. Транспарентноста на обвивката на објектот поттикнува поврзување со надворешноста и создава чувство на отвореност во дизајнот.
Окајама е најголемиот производител во Јапонија на вкрстено ламинирано дрво, CLT панели се користени низ целиот објект, како за екстериерот, така и во ентериерот.
Динамичен архитектонски јазик се постигнува со CLT панелите, широки 2,2 метри со должина 35 метри и дебелина 21 цениметар, наредени под различни агли со висинска разлика од приближно четири метри. Аголноата неусогласеност на панелите меѓу нив создава различни простори и отвори, пишува ArchDaily.
Отворените простори, асиметричните конзоли и линиите што се вкрстуваат му пркосат на затворениот и повторувачки впечаток често поврзан со конвенционалните CLT структури.
Ова го претставува и духот на темата на објектот за отвореност и соработка во рамките на локалната заедница, вклучувајќи го и учеството на локалниот универзитет Окајама во co-working просторот за соработка. Преку овие простори се очекува вкрстување на активности кои ги надминуваат генерациите и границите меѓу индустријата и академската заедница.
Кога се влегува во зградата низ вратите што штрчат од двете страни на архитектурата од дрво, се наидува на издолжен простор врамен со низа дрвени греди на врвот и ѕидови од страната. Приземјето на Kibi Kogen N Square од предната страна опфаќа кафуле и кујна, а складиште за опрема одзади.
Планирањето е главно отворено, при што структурните сегрегации влегуваат во игра само онаму каде што е тоа неопходно; во овој случај, во канцеларија, приватна просторија во непосредна близина на кафулето и тоалетите. Кафулето нуди мирно собиралиште за посетителите да се релаксираат и да се поврзат со нивната заедница во релативно бавно опкружување.
На катот, отворениот простор е наменет за заедничко работење заедно со канцелариски простор за сервисни активности. Пространата coworking област е дефинирана со застаклување од подот до таванот со поглед на улицата и воспоставување врска со околните дрвја и околината. Аголните делови на зградата ги зголемуваaт можностите за планирање, воведувајќи повеќе простор за приватни области, како што се малите простори за разговор што го зафаќаат централниот работен простор. Дополнителните функционални простори како што се складиштето, оставата, чајната кујна и тоалетите ги комплетираат поставките.
Етосот што го поврзува обемниот опус на Kengo Kuma & Associates е евидентен и на Kibi Kogen N Square. Како и во другите проекти на бирото, употребата на природни материјали во современите простори, стремежот кон врската помеѓу архитектурата и природата и целта да се служи на заедницата се одразуваат во проектот.