Европа се загрева два пати побрзо од остатокот на светот, што за последица има голем број смртни случаи поради високите температури. Студијата на Барселонскиот Институт за глобално здравје (ISGlobal) покажува дека само во 2023 година, речиси 48.000 луѓе (попрецизно 47.600) во Европа умреле поради екстремно високите температури, а нови рекорди во однос на температурите се соборуваат и оваа година.
Минатата година била најтопла во историјата. Лекарите велат дека жештината е тивок убиец, особено поради зачестените срцеви и мозочни удари. При анализирањето на податоците за смртноста предизвикана од екстремните жештини, научниците опфатиле 35 земји. Најголема смртност предизвикана од високите температури е регистрирана во Грција, потоа во Италија и Шпанија. Притоа, жените и старите лица се со најголем ризик. Позитивен податок од студијата е фактот што мерките за прилагодување даваат резултати. Научниците откриваат дека стапката на смртност би била 80% повисока ако овие температури ја погодиле Европа во периодот помеѓу 2000 и 2004 година. Меѓу овие мерки се напредокот на здравствената заштита, климатизацијата и информирањето на граѓаните. Студијата е објавена токму во деновите кога Европа е погодена од нов топлотен бран, Јуни 2024 година е најтоплиот забележен месец во историјата, а во јули е забележен најтоплиот ден во историјата на мерење на температурите.