Насловна / Архитектура / Високите станбени згради во фокусот на британскиот закон за безбедност на објекти

Високите станбени згради во фокусот на британскиот закон за безбедност на објекти

Од 1-ви октомври оваа година градежништвото во Британија се соочува со клучниот официјален одговор на британската влада за катастрофалниот пожар во Гренфел кулата во Лондон.  Пожарот од 14-ти јуни 2017 година во кој 72 лица трагично го изгубија својот живот представува најсмртоносен пожар на станбен објекет по Втората светска војна и на било која градба во Велика Британија по пожарот на платоформата за нафта Пајпер Алфа од 6-ти јули 1988 година во кој 167 лица го изгубија својот живот, 165 на платформата и два од спасувачкиот тим.

1

ИЗГРАДБА НА ПОБЕЗБЕДНА ИДНИНА

Пожарот во Гренфил кулата предизвика низа истраги од кои една од клучните беше онаа на Џудит Хакет објавен во мај 2018 година под наслов „Изградба на побезбедна иднина: Независен преглед на градежните прописи и заштитата од пожари“.  Во оваа истрага, таа меѓу другото ги утврди „четирите не“ коишто ги карактеризираат состојбите во градежништвото во земјата и ги опфаќаат: незнаењето, незаинтересираноста, нејасноста на улогите и одговорностите, и несоодветноста во надзорот на прописите и мерките за принуда.

Законот за безбедност кој стапи на сила на 1-ви октомври оваа година представува своевидна кулминација на напорите на британската влада да стави ред во рамки на градежништвото како индустрија и да ги заштити интересите на граѓаните.  Преку одредбите на законот, непочитувањето на истиот може да биде санкционирано со неограничени парични казни и до две години затворска казна за прекршителите.  Од тука се предпоставува дека нивото на потенцијални парични и затворски казни ќе обезбеди доволно ниво на почитување на законот.

01

ФОКУС НА ОБЈЕКТИТЕ КОИ ПРЕТСТАВУВААТ НАЈГОЛЕМ РИЗИК ЗА КОРИСНИЦИТЕ И ПОСЕТИТЕЛИТЕ

Законот за безбедност на објектите се фокусира најмногу на објектите за коишто се смета дека представуваат најголем ризик за корисниците и посетителите.  При ова станува збор за објектите во кои се наоѓаат најмалку две станбени единици и се со висина од најмалку од 18 метри или седум ката.  Како одговор на нивото на ризик е воведена нова функција во рамките на процесот на градба – Регулатор за безбедноста на објектите. При ова секој нов објект со висок ризик во земјата задолжително мора да се регистрира кај Регулатотот, и со нивната изградба не може да се отпочне додека барањето/пријавата не се одобрени од Регулаторот.  Дополнително Регулаторот може да побара измени и дополни на проектот пред истиот да го одобри за градба.  Ова барем делумно наликува на постојни интерни определби во рамките на некои органзиации со поголем градежен фонд во сопственост каде проектите за новите објекти мора да биде одобрени од стручна служба на осигурителната компанија која ќе го осигура завршениот објект од договорените ризици.

5

ПРОЦЕНКИ ЗА ВЕРОЈАТНАТА ЦЕНА НА ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТОТ

Дополнителни обврски коишто произлегуваат од новиот закон се оние повразни со инспекција на клучните позиции во текот на изградбата на објектот; задоложителните барања за известувања во врска со работите на проектот, управување со промените во проектот, како и оние за чување на информациите за објектот.  Веројатно една од позначајните нови обврски е онаа сврзана со управувањето со промените во проектот.  Примената на принципите на вредносен инженеринг (value engineering) е долгорочна пракса во градежништвото во Велика Британија, но се чини дека во рамките на овој век нејзината примена станува се поекстремна, особено во рамките на проектите изградени според принципите на испроектирај и изгради, каде носител на проектот не е архитектот, туку градежната фирма која го вработува архитектот, а не инвеститорот/нарачателот.

Во минатото, вообичаен пристап беше по изготвувањето на проектната документација и предмерот со пресметката, лицето одговорно за предмер и пресметка да изготви теоретска пресметка за чинењето на објектот за да може да се види дали се очекува истиот да може да се реализира во рамките на расположивиот буџет за изградба на објектот.  Овој процес е потпомогнат од организации коишто не само што ги следат цените на изградбата на објектите во земјата, туку и прават проекции за идните промени на цените на градењето за да може да се дојде до најдобрите можни проценки за веројатната цена на изградба на објектот.  Напоредно со ова прокетантите утврдуваат позиции каде можат да се реализираат одредени заштеди во цената на објектот доколку понудените цени преку процесот на набавка излезат повисоки од планираните. Овој пристап овозможува квалитетот на изградениот објект да се зачува додека се управува цената на изградбата.

0

ПОТРАГА ПО НАЈЕВТИНИОТ МАТЕРИЈАЛ

За жал во поново време во пракса се повеќе се среќава состојба каде градежните фирми како да не се расположени да работат на проекти што имаат добра техничка документација за проектот и каде што постојат детални спецификации за градежните материјали коишто треба да се користат во процесот на изградбата. Тие како да предпочитаат да работат на проекти каде што се дадени само генерички спецификации за материјалите коишто ќе се користат во текот на изградбата.  Овој пристап се чини дека им овозможува континуирани промени во тектот на изградбата и потрага по најевтиниот можен материјал за примена во рамките на објектот.  При ова, не секогаш се води сметка дали новиот материјал целосно ги задоволува оргиналните определби на проектантите, а дополнително се очекува проектантите да ја одобрат промената на материјалот во куси временски рокови и не секогаш со целосни информации за предложениот производ.  Ова создава дополнителна работа за проектантите за која што не секогаш добиваат надомест, прокетантите ја превземаат одговорноста за промената, додека градежната фирма ги користи придобивките од финансиските заштеди, со оглед дека многу ретко во вакви случаи постои механизам што би споделил барем дел од заштедите со инвеститорот/нарачателот.  Да се надеваме дека преку новиот закон овие пракси ќе можат да се доведат до соодветно ниво на контрола и ред барем за крајните корисници на објектите.

КОЈ ЌЕ МОЖЕ ДА ИЗДАВА ГРАДЕЖНИ ДОЗВОЛИ?

Се разбира, комплексноста на овие законски промени налага ниво на запозанавње и обука за сите учесници во процесот вклучително со сите други пратечки закони и подзаконски акти. На пример, на 28-ми јуни оваа година стапи на сила Законот за дефектни објекти со кои се покриени сите станбени објекти, вклучително со нестамбените кои содржат барем една станбена единица. Според овој закон одговорноста за дефекти на овие објекти е зголемена од шест на 30 години ретроспективно и од шест на 15 години проспективно, сметано од денот на примопредавање на објектот. Ова овозможува значително поголем периодот во кој странките кои сметаат дека се оштетени можат да побараат законска заштита за отстранување на дефектите коишто ќе се утврдат.  За разлика од порано со нивиот закон се заштитени и градежните работи на посточеки објекти, а не само оние на новоизградените.

3

Значителна промена воведена во рамките на Законот за безбедност на објектите е онаа поврзана со тоа кој ќе може да ја издава градежна дозвола и да врши инспекциски надзор врз изградбата на објектите.  Во минатото, ова беше предмет на повеќе промени, дел од кои не секогаш беа оценети како најдобри.  Имено во минатото издавањето на градежни дозволи и инспекциски надзор беше исклучиво во надлежност на јавната градежна испекција во рамките на општината на чија територија ќе се гради нов или ќе се вршат градежни работи на постоечки објекти.  Со текот на времето беа воведени можности било која градежна инспекција да издаде градежна дозвола, но само локалната градежна инспекција да може да го врши инспекцискиот надзор.  Во меѓувреме законски се отвори можност за отворање на акредитирани градежни инспекции, преку кој приватниот сектор стекна право да формира приватни градежни инспекции на кои им беше дадено право не само да даваат градежни дозволи, туку и да вршат инспекциски надзор врз изградбата.  На овој начин се создаде конкуренција помеѓу јавниот и приватниот сектор во овој сегмент на активности со сите можни предности и противречности.

До сега секој инвеститор или градежна фирма можеше да бира кого ќе ангажира за издавање на градежна дозвола или да врши градежна инспекција.  Според новиот Закон за безбедност на објектите за високите станбени објекти, Регулаторот за безбедноста на објектите е надлежното тело кое ќе определува кој ќе издава градежна дозвола и врши инспекциски надзор врз изградбата на одреден станбен објект повисок од 18 метри. При ова се воспоставува и принципот на конфликт на интерес. При што градежната инспекција која веќе била консултирана за одреден објект не може да се јави како носител на улогата за издавање на градежна дозвола или пак за инспекциски надзор на тој објект.

ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИ ВО ПРОЦЕСОТ НА ПЛАНИРАЊЕ И ИЗДАВАЊЕ УРБАНИСТИЧКА СОГЛАСНОСТ

Како претходница на новиот закон на 1-ви август 2021 година стапи на сила нова одредба во рамките на урбанистичката регулатива според која разгледувањето на мерките за заштита од пожари во рамките на определување на намената на површините е вклучена во процесот на планирање и издавање на урбанистича согласност особено кога станува збор за вискои станбени објекти.  При ова растојанието од 18 метри се мери од најниското ниво на теренот околу објектот до нивото на подот на последниот кат во кој се престојува. Од оваа одредба произлегуваат барања за изготвување на Изјава за пожари преку која треба да се покријат релевантните параметри како планот на локацијата, достап до вода за заштита од пожари, пристапот за противпожарни возила и слични параметри.  Преку оваа изјава треба да се создадат докази од коишто ќе се види дека заштитата од пожари била разгледана не само во текот на планирањето на локацијата туку и дека била вклучена во текот на разгледување на барањето за урбанистичка согласност.

4

На 1-ви јуни 2022 година беа воведени и нови измени и дополнувањата на градежните прописи за да се зајакнат мерките за заштита од пожари и промовираат појасни правила за проектирање и изградба.  Така станбените објекти повисоки од 11 метри морат да вклучат безбедна кутија со информации за објектот преку која противпожарната служба ќе може да се информира за клучните податоци за објектот во случај на пожар. Дополнително, станбените објекти повисоки од 18 метри треба да вклучат Алармен систем за евакуација на објектот, преку кој противпожарната служба ќе може да ги информира станарите за промена во стратегијата за евакуација во случај на пожар. Ова е значајна новина, со оглед дека постојните правила за евакуација вообиачено налагаат станарите да останат во својот стан во случај на пожар во објектот и да чекаат да им се каже дали и кога да почнат со евакуација на објектот.  Во случај на пожарот во Гренфел кулата, вообичаениот пристап се покажа како нешто што не функционира во услови на брзо проширување на пожарот и намалени или исклучени можности за евакуација по скалишните јадра.

2

НАЈМАЛКУ ДВЕ СКАЛИШНИ ЈАДРА ВО СТАНБЕНИ ОБЈЕКТИ ПОВИСОКИ ОД 18 МЕТРИ

Според новите градежни прописи забранета е примената на запаливи материјали во рамките или на фасадите на станбени објекти повисоки од 18 метри, на болниците, студентските домови, интернатите, хотелите, хостелите и слични објекти, како и построга контрола на тоа кои материјали можат да се користат во или на фасадите од објекти со средна височина од 11 од 18 метри.  Дополнително проширен е опсегот на новите станбени објекти во коишто требат да се постават системи за автоматско гаснење на пожари со прскалки на вода и тоа од 30+ метри на 11+ метри висина.  На 24-ти јули оваа година беше потврдено и задолжителното барање за најмалку две скалишни јадра во сите станбени објекти повисоки од 18 метри.

Полека но сигурно плеадата на промени во доменот на британските закони и прописи за заштита на високите станбени објекти се заокружи.  Сега најтешкиот дел останува на градежната индустрија која треба доследно да ги спроведе во пракса, како и на надлежните власти коишто треба да го надледуваат спроведувањето, а за да се заштитат интересите на сопствениците и корисниците на високите станбени објекти во земјата.

Испрати коментар

Scroll To Top