Секаде во светот е нормално некој да биде разрешен поради некомпетентност, само за Балканот тоа е вест. И уште би можело да се додаде дека во Словенија тоа е реалност, за разлика од останатите земји од регионот. Имено, шефот на Секторот за обновлива енергија во Министерството за инфраструктура на Словенија е сменет поради јавно покажаното непознавање на состојбите во областа за која е надлежен.
Новинарката што го подготвувала ТВ интервјуто, целосно го објавила без никаква монтажа. По јавната презентација на тема хидропотенцијал, ветерна енергија и паметни броила, новинарката му поставила на функционерот повеќе прашања, а тој не успеал конкретно да одговори на ниту едно од нив.
„Словенија ќе настојува да ги исполни целите од стратегијата за користење на обновливите извори, и тоа е се што можам паметно да ви кажам на таа тема“, рекол функционерот Смолникар. Реакцијата од Министерството стигнува веднаш по емитувањето на интервјуто. Во соопштението на Министерството за инфраструктура на Словенија е наведено дека функционерот се посрамотил пред телевизиските гледачи бидејќи покажал незнаење, и дека поради тоа Министарството го разрешило од функцијата раководител на секторот за обновливи извори.
Смолникар бил на таа позиција од септември 2016, а критиките на сметка на неговата компетентност уште тогаш биле присутни во јавноста, бидејќи по струка бил геодет и информатичар.
Извор: Hina