Вирусите се поопасни се кога жртвите ќе се инфицираат наутро, покажува истражувањето направено на британскиот универзитет Кембриџ.
Истражувањето покажало дека вирусите се десет пати поефикасни, доколку заразувањето започне во утринските часови. Студијата открила дека инфекциите се поопасни, доколку од некоја причина, на пример работење во смени или временска разлика, се наруши вообичаениот биоритам.
Размножувањето на вирусите, за разлика од бактериите и паразитите, сосема зависат од механизмите во клетките кои драматично се менуваат во текот на 24 часа, во образецот познат како биоритам. Нарушувањето на биоритамот значи дека телото е „заклучено“ во состојба којашто овозможува полесно размножување на вирусите, појаснуваат научниците.
Во истражувањата глувците биле заразени со вирусите на грип и на херпес. Тие кои биле инфицирани наутро имале десет пати повеќе вирус од оние кои биле заразувани навечер.
„На вирусот му се потребни сите механизми во вистинското време, во спротивно можеби никогаш нема да почне да дејствува. Меѓутоа, дури и помала зараза во утринските часови може брзо да се прошири и сосема да го завладее телото“, вели професор Ејкилеш Реди.
Тој смета дека ова откритие би можело да помогне во контролирање на епидемиите. „Кога во текот на пандемиите луѓето преку ден би останувале дома, тоа би можело да биде многу важно и би спасило многу жртви“, истакнува Реди.