Лудвиг Мис ван дер Рое бил во потрага по архитектура која ќе биде огледало на животот во дваесеттиот век. Зградите на Мис се карактеризираат со чисти форми и интензивна употреба на стакло, челик и бетон. Велел дека неговите згради се „коска и кожа“.
Меѓутоа, во неговото творештво има еден проект кој не ја видел светлината на денот, но бил мошне важен и за неговиот приватен живот и за неговата кариера.
Имено, проектот Resor House е првиот ангажман на Мис Ван де Рое во САД. Со оглед на политичката ситуација во неговата родна Германија, тој емигрирал во Соединетите држави во 1938 година, каде што истата година станал директор на одделот за архитектура на „Armour Institute“, подоцна „Institute of Technology“ во Чикаго.
Проект Resor House е во согласност со единствениот израз на славниот архитект. Иако објектот всушност никогаш не бил изграден поради пречекорување на буџетот, проектната документација и работните модели биле собрани од њујоршка MoMA, каде што токму клиентот на Resor House била во управниот пдбор, пишува ArchDaily.
Презентираното видео всушност ја следи дигиталната реконструкција на куќата, користејќи се токму со овие собрани архивски документи, со цел да се спроведе детална анализа на проектот, како и виртуелна обиколка.
Авторот на видеото е Stewart Hicks, едукатор во областа на архитектонскиот дизајн, кој како вонреден професор води студии и курсеви на Универзитетот Илиноис во Чикаго. Тој исто така е асистент декан на Високата школа за архитектура, дизајн и уметност и е коосновач на праксата Design With Company.
Stewart Hicks на својот YouTube канал прикажува детално истражувани приказни за архитектурата. Неговите неделни видеа, како и повремените настапи во живо, опфаќаат широк спектар на теми поврзани со изградената средина, со цел да придонесат за општото разбирање и да ја застапуваат нивната важност во обликувањето на светот во кој живееме.