Францускиот национален стадион Stade de France од 1. август е домаќин на најдобрите светски атлетичари, кои се борат за медали на 33. модерни Олимписки игри, чиј домаќин е градот Париз до 11 август.
А, покрај најдобрите асови на „кралицата на спортовите“, стадионот во Сен Дени во оваа прилика доби и неочекувана „ѕвезда“ – атлетска патека обоена во виолетова боја, незабележана во историјата на Олимпијадата.
Ако ѕирнеме под површината на оваа патека, ќе откриеме други интересни карактеристики, кои дополнително придонесуваат Олимписките игри 2024 во Париз да бидат еколошки најодржливи во историјата. Но, да одиме по ред.
Две нијанси на виолетова
Попрецизно, патеката е украсена во две нијанси на виолетова (посветла за самите патеки и натпреварувачките зони, а потемна за техничките зони), додека комплементарната сива боја е избрана за надворешната страна на кривините, како омаж на асфалтна патека користена на Олимпијадата во Париз во 1924 година.
Патеката е развиена од италијанската компанија Mondo, водечки светски специјалист за тартан со децениско олимписко искуство, а биле потребни речиси три месеци за да се инсталира патеката од 23.114 квадратни метри во внатрешноста на стадионот.
„Сакавме да имаме оригиналната боја. Овие две нијанси на виолетова ни овозможуваат максимални контрасти при снимање ТВ преноси за да ги истакнеме спортистите. Нашиот пристап всушност почива на фактот дека спортистите се во преден план“, објаснуваат од компанијата.
За игрите во Париз, експертите од Mondo користеле нов материјал наречен MondoTrack за атлетската патека, а технологијата користена во нејзината изработка е патентирана под името Ellipse Impulse.
Основната карактеристика на оваа патека е што рамномерно ја апсорбира и ослободува енергијата, што им овозможува на тркачите да имаат многу подобри перформанси и да претрпат помалку повреди. Технологијата е развиена од Инженерската лабораторија за полимери од Политехничкиот факултет во Милано.
Доставена на Stade de France во ролни широки 1,50 метар, атлетската патека за Париз 2024 е изработена од природна гума, синтетичка гума, минерални споеви, пигменти и адитиви. Цената се уште се чува во тајност.
Како речиси совршена замена за минералниот карбонат во тартанот, калциум карбонатот е екстрахиран од празни оклопи на школки дагњи и вграден во патеката, објаснија научниците.
До 50 отсто од состојките рециклирани или обновливи
Оваа синергија е резултат на соработката со Niedditas, рибарска задруга од градот Арборе во италијанската провинција Ористано, светски позната по одгледување дагњи.
„До 50 отсто од состојките се рециклирани или обновливи, што ни овозможува да заштеда на материјали од фосилно потекло. Бевме на нешто повеќе од 30 отсто за Лондон 2012“, напоменува менаџерот за одржливост и иновации на Mondo Group и додава:
„Во споредба со патеката во Токио, го променивме дизајнот на ќелиите на долниот слој на патеката, кој се потпира на асфалтот, што ја намалува загубата на енергија за спортистите. Така, патеката на Stade de France би можела да биде уште побрза од онаа во Токио, каде во 2021 година беа соборени три светски рекорди“.
Како следен планиран чекор, компанијата најавува употреба на вештачка интелигенција (ВИ) за креирање на геометријата на новата генерација на патеки за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.