Компанијата „Винербергер“ во Македонија ја претставува својата ангажираност за зачувување на биоразновидноста кај нас. Во исто време, упатува повик и кон другите компании во заедницата да ѝ се придружат во одговорниот однос кон природата.
Сите знаеме дека под влијание на климатските промени, милиони животински видови низ целиот свет се во опасност од изумирање. Истото се случува и на Балканскиот Полуостров, каде што се наоѓа Македонија, кој е еден од најбогатите европски региони со биоразновидност, но воедно и со висок степен на ендемизам. Во време на најголемото нарушување на природната рамнотежа на целата планета, наша одговорност е да ѝ вратиме на природата со добро.
Затоа, компанијата „Винербергер“ во Македонија се придружува на идејата за зачувување на биоразновидноста на целата групација „Винербергер“. Со години наназад, под стреите на фабриката во Виница гнезда свиваат сè повеќе и повеќе ластовички. Зградата во која се произведуваат природни материјали од кои се изградени многу наши домови, во исто време е и дом на ластовичките – тука се размножуваат и оттука ги подготвуваат своите малечки за лет кон потоплите краишта на есен. Како што нивниот број се зголемува, така тие сè повеќе придонесуваат за „чистење“ на воздухот во Виница и околината од инсекти (во текот на летото една ластовица јаде околу еден милион инсекти!), со што и директно враќаат за гостопримството, правејќи ги летните навали од инсекти помали.
Како што се вели кај нас, една ластовичка пролет не носи, но штом се сторат цело јато – пролетта е тука. Се надеваме дека со нашата практика на живеење во хармонија со ластовиците ќе инспирираме многу слични практики во нашата заедница, за заедно да ја донесеме пролетта, односно почетокот на нашиот нов и одговорен однос кон природата, вели Владимир Златковски, директор на „Винербергер“ во Македонија.
За да поттикнат на размислување на темата, вработените на „Винербергер“ во Македонија ве повикуваат да ви ја претставуват својата приказна за зачувување на биоразновидноста кај нас на уникатен начин:
Сакаме барем на кратко да влезете во кожата на една (македонска, виничка) ластовица преку видеото на линкот и да си замислите како изгледа светот преку нејзините очи. Уживајте во природните убавини на Македонија: надлетајте ги Осоговските Планини и Гратчевскиот Водопад, летајте над Плачковица, над оризовите полиња познати како кочански оризи. Уживајте и во културните богатства на виничката околина, како археолошкото наоѓалиште Виничко Кале. Каде и да одите, што и да правите, на крајот ќе се вратите на единственото место каде што ќе се чувствувате како дома.
Целата приказна на: https://bit.ly/3CWaTd6