Како општествено одговорна, компанијата „Винербергер“ од Виница, која се грижи за заедницата, ја предаде првата донација од 2.600 ќерамиди од брендот „Тондах“ и дополнителни покривни елементи за обновување на објектот на улицата „Велин Стоилов“, којшто претрпе најголема штета во пожарот што се случи на 2. август во Кочани.
„Винербергер“ планираат да помогнат со донации и на опожарени објекти во Берово, Пехчево и Делчево.
„Нашата компанија се труди да биде максимално општествено полезна и да им помага на граѓаните, а понекогаш, за жал, има и вакви немили ситуации каков што беше пожарот во Кочани. Брзо остваривме контакт со градоначалникот, а првата донација е токму за куќата која најмногу настрада и чиј покрив е целосно оштетен. Се надевам дека таа за краток период ќе биде обновена. Освен овде, планираме одреден дел од донациите да однесеме во Берово, Пехчево и Делчево и да им помогнеме на граѓаните чии објекти исто така изгореа“, истакна Владимир Златковски, директор на компанијата „Винербергер“.