На бреговите на езерото Комо од далечното минато па до ден-денес се наоѓаат елитни вили со пространи градини, најчесто изградени во каскадна форма поради конфигурацијата на теренот, украсени со медитерански и егзотични видови на растенија и скулптури.
Во периодот помеѓу XVI и XVIII век, голем број на племенити фамилии од близината на Милан, започнуваат со изградба на летни престојувалишта на брегот од езерото. Освен во минатото, и ден-денес предизвик за голем број светски познати личности е да поседуваат имот на езерото Комо.
Вила Сербелони
Изградена во 1605 година, оваа вила се наоѓа на највисокото место во Белаџио. Припаѓа на фондацијата Рокфелер и служи за одржување на конференции и студии. Големиот парк, составен од речиси 18 км патеки, кој ја краси оваа вила е отворен за јавноста од април до октомври. Во него може да се сретнат голем број медитерански видови, како медитеранскиот чемрес (Cupressus sempervirens), маслинки (Olea sp.) солитерно насадени, како и жива ограда, најчесто искроена во геометриски стил, во форма на лавиринти, а внатрешноста исполнета со цветни видови. Поради местоположбата, погледот кон езерото од градината на оваа вила претставува посебно доживување и неповторлива убавина.
Вила Мелци
Оваа вила е изградена од кнезот Франческо Мелци, и до ден-денес е во приватна сопственост. Потписник на ова дело е архитектот Албертоли. Изведбата започнала во 1808 а во 1810 година била отворена за посетители. Градината е во форма на каскади, збогатена со тропски егзотични видови и непроценливи скулптури. Во кругот на вилата има и фамилијарна капела која е отворена за посетители.
Вила Балбианело
На врвот од ’ртот Лено, се наоѓа импозантната Вила Балбианело, која е изградена во 1700 година по наредба на кардиналот Дурини. Денес оваа вила е во сопственост на ФАИ. Таа ја има една од најубавите позиции на езерото, која дава прекрасен панорамски поглед. На најгорниот кат од имотот се наоѓа музеј за изложување на уметнички дела. Градината ја карактеризираат тераси и балустради кои ја следат линијата на нерамниот терен збогатен со стрмни карпи.
Вила Карлота
Ова ремек-дело е изградено во 1600 година по нарачка на фамилијата Клеричи. Подоцна имотот е префрлен во сопственост на принцезата Маријана од Холандија, која вилата и ја поклонува на својата ќерка Карлота како свадбен подарок. Во градината на оваа вила можат да се сретнат најразлични растителни видови од речиси целиот свет: цитруси, камелии, палми, колекции од бамбусови видови и слично. Градината има посебна убавина во периодот април – мај кога расцветуваат околу 150 видови на азалеите што ја красат градината.