Прекрасната вила во Bogensee, покрај езеро, била подарок за Јозеф Гебелс. Министерот на нацистичката пропаганда, ја користел вилата како „љубовно гнездо“ за своите бројни афери, но и за мирно бегство каде ги компонирал своите тиради против Евреите за да му угоди на Хитлер.
Веќе 69 години по неговото самоубиство во Берлинскиот бункер, вилата во Bogensee останува недопрена, напуштена и празна, на само 24 милји од главниот град.
Берлинските градски власти чија сопственост денес е вилата, веќе 20 години се обидуваат да ја продадат раскошната градба со 70 соби изградена во 1939 година. Вилата има и кино сала, банкет сала со отворен камин и француски прозорци.
Во периодот од 1951 до падот на Берлинскиот ѕид, вилата е повремено користена како објект во кој се одржувале политички курсеви и школи за социјалистичката младина на тогашна Источна Германија. Оттогаш е целосно напуштена, но и покрај лошата состојба, сепак се препознава и раскошот од нејзините најдобри денови.
Се бара соодветен инвеститор, и секој понудувач е предмет на проверка, во страв дека можеби ќе биде купена од неонацисти кои би ја претвориле куќата во своевиден споменик на нацизмот. Властите се надеваат дека сепак ќе се најде купувач кој би можел овој објект да го претвори во хотел, велнес и спа центар и сл.