На атрактивна локација во Дубровник сместена е впечатлива и современа вила V2, за чија реализација е заслужно познатото и наградувано хрватско архитектонско студио 3LHD.
Како парцелата се наоѓа во близина на морето, станарите на вилата, која се протега на 399 квадратни метри, имаат можност да уживаат во импреснивиот поглед, кој архитектите го искористиле на најдобар можен начин, со тоа што фронтално поставиле големи стаклени ѕидови.
Според архитектите од тимот на 3LHD, основниот концепт при формирањето на животниот амбиент бил да се создаде куќа која во исто време е отворена кон природата, но исто така и доволно заштитена од климатските влијанија.
Заради наклонот на теренот, куќата се развива на повеќе нивоа – влезот се наоѓа на најгорниот кат, паркингот се наоѓа кај уличниот дел, а останатите содржани се организирани како меѓукатови. Тоа се три спални соби со купатила, спална соба на родителите со гардероба и бања, скалила, пространа дневна соба, трпезарија, кујна, комерцијален простор, складиште и тоалет, ТВ соба со проекциско платно и простор за детски игри. Дневната соба и трпезаријата имаат директна врска со надворешниот свет – делумно покриена тераса со надворешен базен.
Околината исто така, е изведенa на неколку нивоа-тераси што се поврзани со скали и се спуштаат надолу кон морето.
Фасадата и покривот се направени од бели камени плочи, додека големите стаклени ѕидови кои се делумно вовлечени во волуменот на објектот ја отвораат куќата кон морето, и истовремено обезбедуваат пријатна сенка во внатрешноста. Терасите се поплочени со камен или даски, а сите слободни површини се засадени со автохтони растителни видови и реализирани во материјали приспособени на климата и локацијата.