Вила Мандрагора е семејна летна оаза изградена во 2021. година во Ораховац, Општина Котор, проект на архитект Соња Радовиќ Јеловац, основач и извршен директор на архитектонското биро од Подгорица Studio Synthesis architecture & design.
Куќата е сместена на парцела од 1.171 квадратни метри над главниот пат Рисан – Котор, каде теренот се спушта кон морето со висинска разлика од 9,5 метри.
Подолгата страна на објектот е свртена во правец исток-запад, додека положбата на објектот е осмислена да се интегрира што е можно поуспешно во морфологијата на постојниот терен.
„Двета целини на објектот се распоредени паралелно, со цел да се овозможи постојана интеракција на корисниците на вилата со околината, што е создаден дополнителен активен ‘станбен’ простор на отворено, што овозможува пријатен престој во објектот, особено во летните месеци“, вели авторката и додава: „Мултифункционалноста на објектот е реализирана со богатството на содржините за престој во самиот објект, преку два ката со вкупна површина од 526 квадратни метри и надвор од објектот, преку активен пејзаж од околу 330 квадрати“.
Три комфорни спални соби и мастер апартман
На приземјето на објектот има три комфорни спални соби со бањи и гардероби, како и мастер апартман, кој содржи дневна и ноќна зона, гардеробер, бања и кујна со трпезарија. Во приземјето се сместени и теретана, бања, перална, техничка соба и винарија.
На катот на објектот се наоѓа влезната зона, пространа дневна соба со салон и хоби простор, кујна, трпезарија, тоалет и остава. Дневната зона има непречен поглед кон морето преку големи стаклени површини.
Контакт со партерот е остварен на два начина, и преку приземното ниво и нивото на катот. Приземјето се превлева во зелената зона, која е и тампон зона кон сообраќајницата, додека горниот кат со дневни содржини продолжува до влезната зона, терасите и базенот.
Надворешниот простор вклучува две тераси за релаксација кои имаат континуирана врска со дневната зона, надворешен базен од 70 квадратни метри, паркинг за четири автомобили и тераса со надворешен камин.
Зачувана природна средина на локацијата
Клучот на архитектонскиот концепт се заснова на зајакнување на односот „внатре кон надвор“ преку мултифункционални и адаптивни решенија кои интегрираат различни програми и активности во различни временски услови, објаснува авторката.
Архитектонската реализација на Вила Мандрагора може да се земе како пример на успешна интеграција во специфичниот пејзаж на бокакоторскиот залив, во позадината на прометната сообраќајница на парцела која совладува значителна висинска разлика.
„Одговарајќи на барањата на инвеститорот, а во исто време имајќи го предвид контекстот на локацијата и намената на објектот, авторскиот тим се одлучи за решение кое со својот архитектонски израз има тенденција да го зачува природниот амбиент на локацијата, како и истовремено да одговори на исклучително стрмиот пад на локацијата“, вели директорката на подгоричкото биро. Додава дека партерното решение е приспособено на топографијата на теренот и развивање на надворешна (како и внатрешна) содржина на две нивоа, формирајќи што повеќе зелени површини со избрана вегетација.
„Целта беше да се вметнеме во природниот амбиент без да го нарушиме постојниот поредок, туку да добиеме соодветна мерка за соживот со природата“, вели Радовиќ Јеловац.