Насловна / Архитектура / Вила Ромб: Современо домување на периферијата на Белград

Вила Ромб: Современо домување на периферијата на Белград

Локации во околината на Белград, кои се наоѓаат на околу еден час возење, станаа вистинско засолниште за сите оние кои сакаат да се сокријат во природа и кои можат да си дозволат нов креативен животен и работен простор.

Еден таков проект е и резиденцијалниот објект Вила Ромб во Барич, Обреновац, населено место во околината на Белград, проектирана од белградското биро Remorker Architects.

3

Оваа приватна куќа на периферијата на градот е поставена на пространа парцела во пад, која го следи стрмниот асфалтиран пат. Бидејќи имало доволно простор за куќата, целта на проектантите била да се постави приземен објект со разбиена основа, за корисниците на просторот секогаш да имаат чувство на поврзаност со теренот.

4

Според тоа, куќата е организирана на три нивоа кои во каскади се спуштаат по наклонот на теренот, иако оваа денивелација речиси и не е видлива од страната на улицата, и го доведува во заблуда набљудувачот кој би помислил дека се работи за обичен еднокатен објект.

Овие каскади истот така ја следат и функционалната организација на просторот, па така највисоката е наменета за ноќната зона, средната за дневната, додека најниската е резервирана за релаксација, спа центар, цигар бар и секако гаражен простор.

8

Вака добро организираниот распоред е особено важен во случај секој член на домаќинството да сака да го помине своето време на различен начин, индивидуално или групно, без да ја загрозува приватноста на другите.

Сите овие рамнини се покриени со еден заеднички кос кров, чиј пад го следи наклонот на теренот. На овој начин е осмислен објект кој исклучително силно комуницира со теренот на кој лежи, а добиената архитектура на ист начин се чита и во ентериерот и во екстериерот.

1

Особено ако се погледне основата на приземјето, јасно може да се препознае обликот на ромб, создаден од волуменот на ѕидните и кровните површини. Комплетната архитектонска структура на овие рамнини кои продираат создала мошне динамична форма, која позитивно влијае на пријатноста и комфорот на животот во куќата.

Атриумски воден прелив

Обединувачкиот кров е засечен на неколку места за да ја пропушти надворешноста во средината на куќата, создавајќи атриумски оази во просторот за живеење. Под најголемиот засек на кровот се наоѓа плитка водена површина, фонтана со прелив, која јасно ја дели дневната од ноќната зона на куќата.

Овој атриумски воден прелив неодоливо потсетува на атриумските базени на римските семејни куќи во предградијата на големите градови, таканаречените вили субурбана, кои побогатите Римјани ги граделе за живеење и за повремен одмор.

5

Куќата е повлечена од улицата онолку колку што е потребно да се согледа во нејзината целосна ширина. Пред куќата има тревник кој е оставен како дел од јавниот простор. Предниот фронт на куќата е осмислен без отвори за да се обезбеди приватност на корисниците. Исто така, ваквиот третман на предната фасада ја прави куќата повлечена и резервирана, криејќи ја внатрешноста од оние кои ќе бидат поканети да ја видат.

Со вакво решение избегната е изградба на високи огради, кои можеби даваат чувство на приватност, но целосно ја кријат архитектурата на објектот, оневозможувајќи им на минувачите да уживаат во истата, што во случајот на Вила Ромб навистина би било голем пропуст.

Пристап како во египетски храм

Пристапот до внатрешноста е овозможен со рампи, првата широка со пад надоле, која пристапува до гаражата, и втората потесна, која благо се качува и ги води пешаците како мост во средината на објектот кон вовлечена влезна врата.

6

Мостот пресекува две големи бели ѕидни маси, делејќи ја куќата на два дела – дневна и ноќна зона, а завршува со поглед на атриумската фонтана. Иако приземен објект, куќата се угледува на  уште една монументална античка градба – египетски храм, до кој се пристапува со долги рампи и навлегува во просторот преку премин меѓу два колосални пилони.

Кровната конструкција е изработена од дрвени талпи кои се потпираат на бетонски надворешни ѕидови и на масивни челични носачи потпрени на челични кружни столбови во ентериерот.

Кровот и бочните фасади на објектот се обложени со црн, дуплофалцуван лим, додека испуштените кровни рамнини од долната страна се обложени со дрво.

0 9

Игра на светлината

Фасадните површини внатре во процепот обработени се со фасадни тули или се малтерисани и прекриени со бела фасада. Смената на фасадните материјали има одличен ефект на разбивање на монотонијата на големите ѕидни површини и дополнително влијае на удобноста на живеењето.

На задната страна на куќата, каде што е овозможена приватноста на корисниците, сите фасадни површини се целосно изработени во стакло, така што и дневниот и ноќниот простор се целосно отворени кон тревникот и градината зад куќата.

7

Позиција, т.е. ориентацијата на куќата и распоредот на кровните засеци во комбинација со прозорските површини, обезбедуваат специфична игра на светлината за време на целодневната осонченост.

Авторски печат

Набљудувајќи го целокупниот впечаток, Вилата Ромб подеднакво се потпира на модерните и традиционалните архитектонски постулати.

Елементите кои даваат впечаток на традиционалност се пред се масивниот кос кров, присуството на атриумски простори и употребата на тули во ѕидните површини, додека модерноста се изразува преку исклучително оригиналната пенетрација на ѕидните и кровните површини, функционалната и имагинативна структура на ентериерот, но и преку динамичноста на архитектонската форма.

Сите овие карактеристики укажуваат дека пред нас е мошне успешно дело на авторска архитектура.

Испрати коментар

Scroll To Top