Изградена на темели на стара куќа, навидум скромна дрвена викендица крие исклучителен ентериер кој во само 65 квадратни метри ја обезбедува сета потребна удобност за совршен одмор со поглед на река.
Недалеку од браната Вранов, во Чешка, во многу популарна туристичка област, обвиена во зеленило и со директен пристап до реката, се наоѓа оваа викендица од соништата. Сопствениците наследиле стара куќа, а на нејзино место сакале да изградат модерна, дрвена викендица, користејќи го сиот потенцијал на совршената локација за одмор.
Архитектите од бирото Prodesi/Domesi со седиште во Прага, добиле предизвикувачка задача, во габарит на старата куќа, во основа 5 на 8.5 метри, да сместат сè што е потребно за повремент престој на семејството и нивните гости.
Самата позиција на објектот, парцела што излегува на река, и условите на малата достапна површина, ги довело до инспирација од бродска кабина, нејзината совршена едноставност и функционалност. Така, целата куќа наликува на закотвен брод, подготвен да тргне на нови патувања.
Според зборовите на проектантите, нивната цел била да проектираат куќа која ќе се интегрира во зелената падина зад неа, како и веќе постоечките, околни викендички. Во процесот на обликување, тие оделе со обратен редослед. Најпрво ги поставиле потребните простории во расположливата квадратура, а потоа ги „отсекле“ деловите од кровот кои не биле неопходни, за куќата да биде што помала.
Истовремено осмислување на екстериерот и ентериерот на објектот, резултирало со оптимално искористен простор, исклучителна функционалност и естетска атмосфера. Во исто време, екстериерот и ентериерот се во изразен контраст – додека надворешноста на викендицата со дрвена фасада е крајно едноставна и скромна во обликувањето и материјализацијата, ентериерот е модерен и делува изненадувачки пространо.
Долното ниво е со отворен план и преку големи стаклени прозорци поврзано со фантастичната природа во околината. Во него се сместени влезниот хол, дневна зона со кујна и трпезарија, бања, тоалет и простори за складирање.
Целиот ентериер е обложено со дрво смрека, што му дава посебна топлина на просторот, мирис и чувство на прибежиште, засилено со силна врска со надворешниот простор и непосредната близина на водата.
На горното ниво има една помала и една поголема соба и гардеробер. Тука до израз доаѓа инспирацијата од бродските кабини, сите форми се чисти и едноставни, без вишок предмети и детали. А тука се и мали прозорци со поглед на површината на водата.
Посебно внимание е посветено на просторите за складирање, секој детал е внимателно осмислен и искористен е секој сантиметар простор.
Оваа дрвена викендица во природа, изградена на темели на стара куќа, има се што е потребно за повремено бегство од градот – едноставен, удобен мал простор, кој е модерно дизајниран, изработен од природни материјали, светол, со фантастичен поглед од сите соби. Позицијата на самиот брег на реката овозможува дополнително уживање во активности на вода, пристап за чамец и тераса за седење веднаш над површината на реката.