Компанијата Vo Trong Nghia Architects веќе одамна ја заговара идејата да има повеќе зеленило во виетнамските градови и таа своја заложба ја пренесува на својот најнов проект Chicland Hotel. Извонредната зграда ќе биде речиси целосно прекриена со вегетација и „стисната“ во рамките на малата и „незгодна“ парцела во близина на брегот во Da Nang.
Хотелот Chicland (наречен уште и Chic-Land Hotel) се наоѓа на локација која е на самото крајбрежје и овозможува одличен поглед кон морето. Постоел само еден проблем при неговото проектирање, а тоа е дека парцелата е широка само 15m.Vo Trong Nghia токму поради ова ограничување го проектирале објектот со височина од 72m. Зградата е толку ограничена во просторните услови, така што паркиралиштата се наоѓаат во подрумот, кафулето се наоѓа на првиот кат, рецепцијата на вториот, додека базенот и уште едно кафуле се сметсени на покривот од објектот. На останатите катови се распоредени 129 хотелски соби. Трите страни од зградата ќе бидат прекриени со билки, кои се внимателно избрани за да бидат естетски допадливи но и да пружаат пријатна атмосфера во хотелските соби и терасите. Според рендерите на објектот, визулениот впечаток од овие билки нема да биде ништо поразличен и помалку вреден од оној на кулата Bosco Verticale во Милано, или пак Oasia Hotel Downtown во Сингапур.
Сепак, поставувањето на толку зеленило во рамките на еден објект, природно носи со себе и мноштво потенцијални проблеми, како што се влагата, дополнителната тежина и одржувањето. Засега нема детали за тоа како ќе се решаваат овие проблеми во Vo Trong Nghia Architects. Оваа компанија има значајно искуство во интегрирањето на зеленилото во рамките на своите проекти, вклучувајќи ги House for Trees, Binh House и Farming Kindergarten, така што е сигуирно дека работите ќе бидат под контрола и дека ќе бидат земени во предвид сите ризици. Хотелот Chicland во моментот е во изградба, и се очекува да биде целосно завршен на почетокот на 2019 година.