Австриската метропола неодамна ја претстави досега најголемата програма за проширување на велосипедските патеки. Главната велосипедска мрежа ќе стане побогата за 17 километри, а во некои градски квартови ќе се градат целосно нови патеки. Во текот на 2022 година ќе се реализираат вкупно 44 проекти, а акцентот им е ставен на зголемување на безбедноста на велосипедистите и продолжување на изградбата на патеките кои моментално во некои делови се во прекин. Дополнително, на јавниот простор ќе бидат поставени околу пет илјади нови места за паркирање велосипеди.
Автоматските бројачи за велосипедски сообраќај забележале повеќе од 9,3 милиони патувања со велосипед минатата година. Имено, според податоците на Виенската агенција за мобилност (Mobilitätsagentur Wien), во 2021 година автоматски бројачи за велосипедски сообраќај изброиле дури 9.330.967 велосипедски патувања по улиците на Виена, со што е урнат рекордот од 2020 година. Исто така, бројот на изброени велосипедисти е зголемен за 13 отсто во однос на 2019 година.
“Возењето велосипед многу придонесува за заштита на климата. Во овој мандат ќе инвестираме повеќе од 100 милиони евра во развој на велосипедска инфраструктура“, изјави Ули Сима, член на Градската управа на Виена за мобилност. Притоа, австриската метропола главно ќе се сврти кон изградба на побезбедни велосипедски патеки кои се физички одвоени од остатокот од сообраќајот.
Австрискиот главен град, исто така, планира да ја изгради својата прва мега-велосипедска патека долга седум километри што ќе го поврзе центарот на Виена со 22-от градски округ и популарната област за рекреација Donaustadt. По патеката ќе се уредат нови зелени површини и ќе се засадат дрвја. Ова ќе го трансформира централниот дел на Praterstraße, кој ќе има атрактивни тревници, цветни леи и украсни грмушки. Покрај тоа, плоштадите Nestroyplatz и Rosl-Berndt-Platz ќе се трансформираат долж улицата.
Оваа и следната година, најголемиот виенски округ, Donaustadt, исто така планира да изгради и реновира вкупно 14 километри велосипедски патеки. На пример, тука ќе се градат нови велосипедски патеки по должината на два километри од Wagramer Straße. Оваа година ќе почне првата фаза од изградбата на посебна двонасочна велосипедска патека, од трговскиот центар Donauzentrum до Arbeiterstrandbadstrasse, додека следната година ќе следи втората фаза до Kagraner Platz.
Преку голем број нови проекти, Виена сака дополнително да ја подобри градската велосипедска инфраструктура и поврзаноста на градските области и окрузи и да ги охрабри граѓаните да одлучат да го користат ова еколошко транспортно средство.
Виенската Lassallestraße е една од најчесто користените велосипедски патеки, со рекордни 1.143.595 велосипедисти минатата година (зголемување од 12 отсто) и рекорден дневен сообраќај од 11.044 велосипедисти забележан на 20 јуни 2021 година. Во оваа улица, покрај велосипедската, има и посебна пешачка патека, а дозволено е и возење велосипед во двата правци. Постоечката патека сега ќе се прошири на повеќе од четири метри во должина од 900 метри, а воедно ќе се прошират и зелените површини.
Треба да се спомене и планот за развој на важната Pötzleinsdorfer Straße во северо-западната периферија на градот, која е важен коридор за снабдување со свеж и чист воздух на градот. Над сто историски липи ќе добијат поголеми зелени острови, а изградбата на нова патека за пешачење и велосипедизам ќе помогне да се зачуваат. Новата патека ќе им олесни на жителите и планинарите да одат во природа и да се вратат во градот, додека поставувањето на клупи и јавни чешми со вода за пиење ќе им овозможи за момент да застанат и да се релаксираат.