Годишнaта ранг листа на најдобрите градови за живот во светот штотуку ја објави Economist Intelligence Unit (EIU), а Глобалниот индекс на условите за живот за 2022 година покажува некои значајни разлики во споредба со претходната година.
EIU, сестринска организација на списанието „Економист“, рангирала 173 градови ширум светот врз основа на различни фактори, вклучувајќи здравствената заштита, стапката на криминал, политичката стабилност, инфраструктурата и пристап до зелените површини.
Во штотуку објавениот извештај, Виена, која падна на 12-то место на ранг листата на почетокот на 2021 година, бидејќи нејзините музеи и ресторани беа затворени за време на пандемијата на коронавирус, се врати на првото место што го имаше и во 2018 и во 2019 година.
Виена
„Стабилноста и добрата инфраструктура се главните привлечности на градот за неговите жители, заедно со добрата здравствена заштита и мноштвото можности за култура и забава“, се вели во извештајот.
Мелбурн го задржа своето место меѓу првите десет најпосакувани градови за живот во светот, но другите австралиски градови кои беа во првите десет, како Бризбејн, Аделаида и Перт, паднаа на 27, 30 и 32 место.
Мелбурн
Главниот град на Украина, Киев, не се разгледува оваа година поради вооружениот конфликт со Русија, додека руските градови Москва и Санкт Петербург паднаа поради „цензурата“ и влијанието на западните санкции. Москва падна за 15 места, додека Санкт Петербург падна за 13 места.
Меѓу првите десет, шест европски градови
По австриската престолнина следат главниот град на Данска, Копенхаген и швајцарскиот Цирих. Вториот швајцарски град Женева е шести, германскиот Франкфурт седми, а холандскиот Амстердам деветти.
Канада исто така помина добро. Калгари ја зазеде заедничката трета позиција, следен од Ванкувер на петтото место и Торонто на осмото место.
Копенхаген
Јапонската Осака и австралискиот Мелбурн го поделија 10-тото место. Главниот град на Франција, Париз, го зазеде 19-то место, 23 места повеќе од минатата година. Главниот град на Белгија, Брисел, е на 24 место, веднаш зад Монтреал, Канада.
Мелбурн седум години ја носеше титулата најдобар град за живеење во светот од 2011 година, пред да биде престигнат од Виена во 2018 година.
На овогодинешната ранг листа, главниот град на Велика Британија, Лондон, е 33. град во светот по квалитет на живот, пет места зад Манчестер на 28. Шпанските Барселона и Мадрид го зазедоа 35. односно 43. место. Италијанскиот Милано е на 49. место, американскиот град Њујорк на 51. а кинескиот Пекинг на 71. место.
Главниот град на Либан, Бејрут, кој беше уништен од експлозијата во пристаништето во 2020 година и кој се бори со тешка финансиска криза, не е вклучен во рангирањето.
Главниот град на разурната од војна Сирија, Дамаск, го задржа своето најмалку погодно место на планетата.
Десет најдобри градови за живеење
Вкупниот индекс се базира на следните категории:
– Достапност на стоки за широка потрошувачка;
– Економско опкружување;
– Услови за домување;
– Медицинска и здравствена заштита;
– Квалитетот на животната средина;
– Политичко и социјално опкружување;
– Јавни услуги и транспорт;
– Рекреација;
– Училишта и образование;
– Општествено –културно опкружување