Зелените површини во Виена се протегаат на површина од 200 квадратни километри, што всушност прикажува дека околу 50% од урбаната област на градот е покриена со зеленило. Сепак, зеленилото не e рамномерно распоредено низ целиот град. Изработена е студија според која градот е поделен на 23 делови, од којa јасно се гледа дека во централното градско подрачје нивото на озеленување е најниско, околу 15%, а највисоко во периферните делови каде што изнесува и до 80% од вкупната површина.
Виена има околу 2.000 паркови кои се наоѓаат на територијата од градот. Во овој број се вклучени околу 45 рекреативни паркови,17 монументални историски паркови, 13 интернационални градини, 12 тематски паркови, 20 пејзажни паркови, 18 паркови од гробишта, итн. Градот поседува вкупно 21 здружение на граѓани кои се грижат за одржување на зелените површини, во кои членуваат голем број деца и млади. Целта е подобрување на животот на социјално загрозените единки низ спроведување на низа проекти поврзани со зелените површини, зголемување на свеста и одговорноста од потребата за јавни зелени површини.
Барокните паркови и градини
Најпознатиот парк во оваа категорија се наоѓа во дворецот Шенбрун. Тој обезбедува прекрасно искуство со прошетка по долгите авении, големиот број на статуи, прекрасни цветни леи, јапонска градина, ботаничка градина. Во дворецот се наоѓа и најстарата зоолошка градина во светот, во која може да се видат голем број егзотични и регионални видови. Во дворецот се наоѓа и еден од најголемите лавиринти во Европа на површина од повеќе од 2.500 м2, подигнат од видот Carpinus sp.
По должина на главните патеки „зелените ѕидови“ се подигнати во висина и до 10 м. Движејќи се кон ридот од дворецот, на највисоката точка има изградено глориета од која има прекрасен непречен поглед на палатата и целокупната зелена содржина која го краси овој дворец.
Дворецот Белведере, во кој се наоѓаат најголемите уметнички достигнувања на австриските сликари, се состои од две целини. Горниот дел од дворецот каде што се наоѓа најстариот алпиниум во светот, кој го сочинуваат повеќе од 3.000 алпски видови на растенија, изграден пред 200 години од страна на Архдук Јохан.
Во делот помеѓу двете палати има каскадно уредена површина во барок стил, кој се состои од тревни бордури, зеленика, пирамидално искроени тиси, костени, сезонско цвеќе и раскошна фонтана.
На површина од повеќе од 50 хектари, паркот Аугартен е најстариот парк во барок стил во Виена. Уреден во француски барок со впечатливи дрвореди од костени и јавори.
Како и повеќето јавни паркови во градот, и овој е од отворен тип, но со ограничено време за посета. На крајот од „работниот ден“ се вклучува сирена која ги известува сите посетители да го напуштат паркот.
Еден од најубавите јавни паркови во градот е Фолксгартен. Лоциран наспроти парламентот, отворен е за посетители од април до октомври. Со оглед на тоа што се наоѓа во центарот, овој парк претставува одлично место за пауза и релаксација на многубројните туристи кои секоја година ги има во изобилство.
Покрај тематски уредените градини од рози, во еден дел од паркот има голем розариум, во кој има најразлични вариетети на рози искроени во топчеста форма на стебло на височина од околу еден метар. Во долниот дел покрај секоја роза има поставено табличка на која се напишани сите информации поврзани со конкретниот вариетет.