Компаниите и научните институции можат да се пријават на конкурсот отворен до 22-ри јули 2022 година, и да добијат до максимални 500.000 евра за истражувачки и развојни проекти во Виена, во областа на заштита на климата. Конкурсот ги повикува сите заинтересирани да помогнат во обликувањето на иднината во градовите ширум светот, но и да започнат свој бизнис во престолнината на Австрија. Насловен Zero Emissions Cities 2022 call, фокусиран е на проекти кои ги адресираат намалувањетто на јаглерод диоксидот, заштитата на климата и ветуваат позитивен социјален импакт.
Вкупниот буџет е 3.000.000 евра, а предложените решенија треба да бидат развиени во урбани области, и доколку е можно да бидат демонстрирани како пилот проекти во Виена. Можат да се квалификуваат проекти од областа на сообраќајот, мобилноста и логистиката, енергетска реконструкција на стари згради и изградба на нови енергетски ефикасни објекти, урбана инфраструктура, циркуларна економија, производство на енергија и сл.
Странските компании или стартапи кои ќе основаат бизнис во Виена, можат да добијат дополнителни 5.000 евра. Големите компании чии проекти ќе бидат избрани на конкурсот, ќе добијат покривање ан трошоците до 25%, средните до 35%, малите 45%, додека научните институции до 80%.