Виена е позната по своите зелени површини, но тоа не значи дека целата работа е завршена. Метрополата на дрвјата брои над 500.000 стебла и повеќе од 1.000 паркови и зелени површини. Таквата зелена мрежа значително придонесува за квалитетот на воздухот и квалитетот на живот на граѓаните. Но, како последица на климатските промени, овој број на стебла не е доволен, поради што стартапот Die Zweigstelle го започнал проектот Pflanz.mi, чија цел е преку развој на дигитална платформа и апликација, им овозможи на граѓаните да идентификуваат и предложат локации погодни за садење на дрвја.
Платформата има за цел формирање на мапа на која ќе бидат прикажани потенцијалните простори за садење на дрвја, при што земени се во предвид просторните, инфраструктурните и еколошките фактори. Фокусот е ставен на подрачјата со густи градби, големи површини на асфалт и мала застапеност на зеленило. Вклучувањето на граѓаните во процесот на одлучување за урбаниот зелен развој е една од најважните мисии на проектот. Жителите на Виена преку апликација ќе можат да пристапат до платформата и да предложат локација за садење на дрво. Првата тест фаза ќе биде фокусирана на една улица со цел да се процени ефикасноста и практичноста на ова решение. Доколку проектот успее, може да послужи како модел за други градови и општини кои работат на решавање на слични предизвици во урбанистичкото планирање и развој.
Градските власти на Виена се ориенирани на садење на дрвја кои се поотпорни на топлина, со оглед на климатските промени и се поголемиот број на топли денови во годината. Напаравена е листа од 19 видови кои добро поднесуваат топло време. Во Виена се применува и релативно нов принцип „град – сунѓер“. Таа стратегија на урбан дизајн ја зголемува отпорноста на градовите на поплави, со воведување на порозни материјали во изградба на урбаната инфраструктура. Дрвјата на овој начин добиваат повеќе простор за ширење на корењата и да впијат повеќе вода, а дополнителен ефект е создавање на простор за задржување на дождовницата, што го растоварува канализацискиот систем.